1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолклорното наследство на Македонците - „банка на вредности“ која времето ја празни

Свето Тоевски18 април 2013

Фолклорот е жива материја која се трансформира. Подложен е на преобразби и губење и покрај напорите да се зачува. Денес е Светски ден на културното наследство и повод за анализа-како се чува фолклорното наследство во РМ?

https://p.dw.com/p/18IOD
Фотографија: MIA

Богатствата на фолклорното наследство на македонскиот народ можат да бидат не само експонати во етнолошките музеи, туку и творечка инспирација во модата, која ќе ги применува стилизираните народни мотиви и ракотворби во модерната женска облека.

Денес, кога се одбележува 18-ти април, Светскиот ден на културното наследство, се реактуелизира важноста на овие заложби, содржани во научниот проект на д-р Марија Емилија Кукубајска, професорка во Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Штип, кој е посветен на поврзаноста меѓу современиот моден дизајн и традиционалните фолклорни мотиви. Во овој проект беа вклучени катедрите за моден дизајн на Техничко – технолошкиот факултет на Штипскиот универзитет и на Европскиот универзитет во Скопје, како и Институтот за фолклор од Скопје. Своето интердисциплинарно истражување за македонските фолклорни елементи како дел од трајното културно наследство и традициите на македонскиот народ оваа авторка го имаше успешно претставено и на една меѓународна научна конференција во Харвардскиот универзитет, во САД, со научници од стотина универзитети од пет континенти.

Женска модна облека со македонски народни везови и „кристали „сваровски“

Споменатите тези од овој научен проект беа преточени и во модна линија за современо женско облекување: изработени се уникатни примероци на облека со апликации од рачен народен вез со сребрен конец, надополнет со рачно изработен гердан од сребрен филигран, кабошон од бисери и „сваровски“ кристали. Фолклорните „пафти“ наоѓаат своја примена на современите фустани. Женската модна колекција содржи фолклорни мотиви рачно изработени во вид на македонски везови, плетени и ткаени aпликации, како и везови со министра. Декоративните мотиви се земени од неколку региони на Македонија. Таа модна колекција вклучува и гламурозни коктел – фустани, изработени во САД, во кои, исто така, се вткаени стилизирани македонски фоклорни мотиви.

Mazedonien Trachten Museum Tetovo
Женска носија изложена во Музеј на тетовскиот крајФотографија: DW/S. Toevski

„Дијалогот помеѓу традицијата и современоста има постојано значење. Интеракцијата меѓу старото и новото е се‘ почеста на модните писти во светот и таа сугерира дека фолклорот продолжува да биде релевантен за интердисциплинарното изучување на модниот дизајн. Овој тренд е во сферата на интерес и кај некои македонски универзитети, меѓу кои и универзитетот ’Гоце Делчев’ во Штип“, нагласува Кукубајска.

Што може да се каже за фолклорното наследство на македонскиот народ, гледано во целина: колкава е неговата заштита денес, како се третира тоа?

Зоран Малинов, директор на државниот Институт за фолклор од Скопје, кој е и истражувач во областа на народните обичаи и верувања, истакнува: „Фолклорот е жива материја. Ситуацијата е мошне компликувана, бидејќи со текот на времето, со генерациските промени, тој фолклор доживува своја трансформација, но и на некој начин се губи низ времето, значи, подложен е на заборав. Секоја генерација си има свој начин на живот, така што денешната ’интернет- генерација’ се служи со најразновидни техники и технички помагала и нејзе и‘ е се‘ помалку од интерес оној фолклор, она културно наследство што ни го оставиле нашите претци. Меѓутоа, тој фолклор си доживува свои трансформации и преку разни институции, покрај другите, и разни професионални или аматерски културно – уметнички друштва, се‘ уште опстојува. Тој фолклор мора да се приспособи не во природен амбиент, на полјана или средсело, туку на сценски изведби, на подиумите во домовите на културата. Иако настојуваме да го зачуваме, фолклорот е подложен на преобразби и губење.“

Mazedonien Trachten Museum Tetovo
Фолклорот е подложен на преобразби и губењеФотографија: DW/S. Toevski

Апликации за три народни обичаи за ставање на листата на УНЕСКО на загрозени и репрезентативни културни богатства

За професорката Кукубајска фолклорното наследство на еден народ е своевидна „банка на вредности“. „Наследените културни богатства, депонирани во таа ’банка на вредности’, со своите стилови и автентични мотиви се инспирација за креативноста на официјалната мода денес во светот. Традицијата, како ’ковчег со богатства’ од трајна културна вредност, соодветно се почитува преку спојот меѓу фолклорот и модерното во индустријата и уметноста на модниот дизајн. Тоа е дијалог меѓу минатото и сегашноста“, нагласува таа.

Покрај движните елементи поврзани со материјалната култура на живеењето и творењето, како што се народната облека, ракотворбите и друго, фолклорното наследство на македонскиот народ содржи и недвижни елементи на нематеријалната култура: песните, ората, обичаите, верувањата и слично.

Mazedonien Galicnik Folk-Tanz
Без чување на културното наследство, тешко е да се чува идентитетотФотографија: DW/S. Toevski

Професорот Малинов посочува на дел од активностите за оттргнување на тоа недвижно фолклорно наследство од заборавот и исчезнувањето: „Институтот досега има изработено елаборати за заштита на повеќе од 40 такви важни културни добра, кои се предадени во ресорното министерство и во Републичката култура за заштита на културното наследство, меѓу кои се и 'Водичарските обичаи’ во Охрид. За три културни добра пред две години поднесовме пријави за заштита и во УНЕСКО, Агенцијата за наука, култура и образование на Организацијата на Обединетите Нации: за повеќегласовното ’Гласоечко пеење’ од тетовскиот крај’ да биде ставено на листата на загрозени фолклорни културни богатства, кои се на работ на исчезнување, а за обичајот ’Чет’р’се’, кој се практикува во Штип на православниот празник „Свети Четириесет маченици’ и познатото оро ’Копачката’ од Пијанечко да бидат поместени на репрезентативната листа на УНЕСКО на фолклорни богатства, кои се‘ уште се одржуваат во нивните природни средини. Се надеваме дека во текот на наредната година ќе добиеме позитивен одговор во врска со овие три апликации.“

Останува да се види колку фолклорното наследство на македонскиот народ ќе ја издржи битката со времето што доаѓа. Колку помалку ќе ја има таа културна оставнина за генерациите што ќе доаѓаат, толку ќе биде и посиромашен идентитетот на овој народ.