1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150910 Photokina Neuheiten Vorschau

21 септември 2010

На најголемиот саем за фотографската индустрија, во Келн годинава настапуваат 1250 излагачи од 45 земји. Главен тренд - развојот на тридимензионални камери и снимки.

https://p.dw.com/p/PI5z
Фотографија: Koelnmesse GmbH

Новитети кај камерите, кај фотографирањето со мобилни теолефони, кај видеокамерите, објективите, но и кај фото-печатарите и софтверите за обработка на фотографии - сето тоа ќе можат да го видат очекуваните околу 150 илјади посетители во петте денови на саемот „Фотокина“ во Келн.

Дигиталните камери се се’ помали и покомпактни, а располагаат со дополнителни функции како ГПС (џи-пи-ес) или се способни да прават тридимензионални снимки. Тие автоматски ги корегираат снимките и ги меморираат податоците за местото на кое се направени. На самата камера може да се определи која фотографија на која интернет-платформа треба да се меморира.

„Голема тема е стереоскопијата или 3-Д снимките - значи се нуди и трета димензија, снимките се гледаат просторно и тоа на дисплеј, на дигитални рамки за фотографии, на компјутер или на телевизор со 3-Д функција. Сега има и технологии и за тридимензионални фотографи“, вели Кристијан Милер-Рикер, раководител на Здружението на фотоиндустријата.

Фотореалистични снимки

Photokina 2010
Фотографија: Koelnmesse GmbH

Натамошен новитет е таканаречениот „компјутер џенерејтид имеџинг“, на компјутер создавање фотореалистички снимки - систем со посебна примена за специјални ефекти во филмската индустрија. Хенинг Олсон, претседател на Здружението на фотоиндустријата вака го објаснува тој систем:

„На компјутерот креирам заднина и атмосфера, за потоа да ги внесам во реално направена фотографска снимка. Ова е голем пазар за професионалните фотографи“.

Камерите се поскапи, но продажбата е добра

Иако новите камери ќе бидат нешто поскапи, фотографската бранша со оптимизам гледа на иднината. Лани во Германија беа продадени околу осум ипол милиони камери, годинава се очекува да бидат 9 милиони. Приходот треба да скокне од 1,7 на цели две милијарди евра.

„Фотографската бранша ја надмина рецесијата многу подобро отколку другите, со сосем мал пад. Во 2010, ако се’ оди добро - а саемов ќе даде важен импулс - мислам дека на крајот севкупно можеме да очекуваме плус од пет проценти“, нагласува Кристијан Милер Рикер.

Шансите се добри - конечно, во Германија веќе сега секоја секунда се прават илјада снимки со фотоапарати.

Автор: Басак Озај / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска