1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрагментација на македонската десница

27 мај 2011

Идниот македонски парлемент може да заличи на првиот плуралистички состав од пред две децении, со десетина партии.

https://p.dw.com/p/11OLZ
Изборен митинг на владеачката ВМРО-ДПМНЕ
Изборен митинг на владеачката ВМРО-ДПМНЕФотографија: MIA

Сериозните шанси на реактивираната ВМРО-Народна, самостојниот настап на ЛДП, како и појавата на новите политички сили околу Обединети за Македонија и Достоинство, навестува демократска фрагментација на парлементарците во помали пратенички групи. Караванот на ВМРО-НП го води екс-премиерот Љубчо Георгиевски. Со слоганот „Тука сме“, народњаците со две основни идеи - на домашен план залагање за нови општински граници, особено на Тетово и Скопје. Како надворешно-политички приоритет тие ја наметнуваат итноста во решавањето на спорот со името и најавуваат влез во НАТО во првите три месеци по доаѓањето на власт.

„Дали после овие избори Македонија ќе има сила да го смени срамното име што го носи 15 години, а потоа и конечно да го реши проблемот со Грција и да се реализираат евроатланските приоритети?“

Оваа константа екс-премиерот ја држи од стартниот собир на ВМРО-НП, а за време на кампањата Георгиевски со директна критика за антиквизацијата што ја наметна неговиот наследник во ДПМНЕ, Никола Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола ГруевскиФотографија: MIA

„Пред една година за малку ќе се откажавме од Кирил и Методиј, од словенската писменост. Има ли поголем раздор во македонското ткиво од таа поделба и идентификација со античка Македонија, што сакаше да ни ја протне оваа Влада?“, праша Георгиевски на еден митинг.

Решавање на проблемот со името

За разлика од Георгиевски, челникот на Обединти за Македонија Љубе Бошковски со обвинувања дека актуелниот премиер е „предавник на името“.

„Да ја симнеме оваа криминална Влада, тоталитаризмот и да ја одбраниме демократијата“, кажа Бошковски. Тој, со својата марама од „типот Арафат“ и жолтата боја како партиски симбол, како мото ја промовира копијата на илиндинескиот повик – „Слобода или смрт“.

Како се вжетува кампањата премеирот Груевски возвраќа на овие обвинувања, а Георгиевски и Бошковски, одделно ги критикува дека се продолжена рака на Црвенковски во обидот да се симне од власта ДМПНЕ.

Изборна кампања на велосипед

Уште една партија се изнедри од пазувите на ВМРО-ДПМНЕ - Демократска десница, предводена од Филип Петровски, младиот бунтовник од средината на 90-тите. Не успеа напорот за предизборно обединување, во една коалиција на новата македонска десница, која ќе дејствува врз соборување од власт на Груевски. Сега Петровски се обидува, со кампања на велосипед, да крстари до своите избирачи, легитимирајќи се со виолетовата боја на маичките. Деновиве може да се види и на скопските раскрсници, каде на возачите им дели партиски флаери.

Wahlen Mazedonien
Фотографија: DW

Од овој омнибус на вмровски фракции е и експресно формираната партија Достоинство, која ги обединува македонските бранители од воениот конфликт 2001 година. Според лидерот и екс-полициски генерал Стојанчо Ангелов тие станаа маргинализирана групација, без елементарни социјални права. Интересено е дека на чело на нивната пратеничка група во Скопје е еден од побогатите македонски бизнисмени Ристо Гуштеров, со чие посредување во Македонија дојде светскиот концерн „Џонсон-Контролс“.

Економски теми во фокусот

„Чуму ни се 22 министри, најмногу во Европа, од кои некои и не знаат што работат, ниту имаат опис на својот ангажман. ЛДП нуди концепт на ефикасна влада со 12 министри.“

Лидерот на ЛДП Јован Манасиевски вака ја промовираше партиската платформа под мотото „Има излез“. ЛДП за прв пат од формирањето настапува самостојно. Покрај промоцијата на штедливост, либерал-демократите од својата „Куќа на модерни идеи“, како го крстија шаторот за контакти со граѓаните, нудат и ваучери од по 2.000 евра за сите граѓани. Средствата ќе бидат обезбедени од продажбата на државниот капитал во големите компании, каде владата е акционер или сопственик.

Манасаевски тврди дека и покрај прокламираната подеднаква дистанца кон главните ривали, сепак ќе биде учесник во идната Влада.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски