1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција- европски првак во шверц-возење во јавниот превоз

С.Дерхаге/ С. Недевски6 декември 2013

Возењето без билет во јавниот превоз во Франција сѐ повеќе станува нешто како национален спорт. Причините за шверц-возењето не се само финансиски. Велат, ситните прекршоци се мелем за француската душа.

https://p.dw.com/p/1AQiu
Фотографија: DW

Шверцувањето - возењето без билет - во јавниот превоз во Франција сѐ повеќе станува нешто како национален спорт, а земјата во таа категорија во моментов е европски првак. Дел од тврдокорните шверцери основа дури и фонд од кој се финансираат казните на оние кои во него уплаќале пари.
Ромaн, Флоран и Илидио понекогаш се чувствуваат како мускетари. Храбро ги прескокнуваат контролните прегради за да можат бесплатно да се возат со париската приградска железница, ризикувајќи притоа парична казна.
„Најголем дел од луѓето овде минуваат низ контролните прегради. Но, ние тука би биле премногу упадливи, па затоа ќе ги прескокнеме на другата страна. Таму има помалку луѓе и помал е ризикот дека да не‘ фатат.“, вели Роман.
Месечен билет за релацијата Еври-Париз чини 113 евра. Овие момчиња велат дека е тоа премногу. „Тоа се скандалозни цени, не само затоа што немам многу пари. Воопшто сметам дека јавниот превоз за корисниците би требало да биде бесплатен. Тој треба во целост да се финансира од данокот. Шверцот за мене е некој вид граѓанска непослушност.“, истакнува Роман.

Flash-Galerie Paris Metro Linie 1
Фотографија: by-sa-GNU1.2.

Како некој вид спорт

Само во Париз на некои релации без билет се вози една третина од патниците. Пјер Кардо, кој како градоначалник на едно париско предградие со години се борел против шверцот, смета дека на постојките контролите повторно треба да ги вршат луѓе наместо автомати.
„Кога гледаат дека други прескокнуваат преку преградите, оние кои плаќаат билети се прашуваат зошто да го прават тоа. Така нормите постепено се менуваат и веќе нема да е правило да се плаќа билет, туку да не се плаќа.“, вели Кардо.
Контролорите забележуваат дека трендот на слободно возење во меѓувреме се претвори во некој вид спорт. Млади шверцери понекогаш се здружуваат во групи и стануваат насилни спрема контролорите.
Некои превозници сега градат тактики за односот кон шверцерите: им веруваат на своите патници дури и кога ќе ги фатат без билет. Кој има месечен билет и го заборавил додека се вози во јавниот превоз а подоцна го приложи плаќа само 6 евра.“
„Во моите очи шверцерите се истотака и муштерии. Јас само морам да се погрижам тие да бидат добри муштерии.“, вели Жан-Лик Фирленг, контролор на билети во Париз.

Осигурителен фонд за шверцувачи

Lossény Meité in der Pariser Metro
Фотографија: DW

Шверц-возењето во Франција очигледно не е само од финансиски причини. Малите прекршоци ѝ годат на душата на францускиот народ. Дури и поранешниот претседател Жак Ширак во една пригода со нескриено задоволство ја прескокна преградата во метрото.
„Не, не ме шокира. Нешто беше расипано. Тоа покажа дека тој беше спортски тип.“, вели Фирленг.
Иако Ширак тогаш сигурно немал намера да се шверцува, неговиот скок е легендарен. Едно илегално осигурително здружение на студенти-шверцери ја користи фотографијата како реклама: што смее тој, смееме и ние.

Во здружението велат дека станува збор за фонд каде луѓето уплаќаат пари и ако некој доби казна, таа ќе биде подмирена од овој фонд.
Во тајниот фонд членовите уплаќаат 10 евра месечно и со тоа штедат 40 евра за месечен билет и пари за казна ако ги фатат. Во секој случај се исплати. Од шверц-возењето француските јавни превозници губат најмалку 400 милиони евра годишно, со силна нагорна тенденција. Сѐ повеќе Французи се подготвени да ризикуваат пречекорувајќи ги границите на пристојно однесување.