1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција им го „загорчи“ првенството на Данците

ЖА/ макфакс27 јануари 2014

Ракометната репрезентација на Франција ја декласира Данска со 41:32 (23:16), во финалето на 11-то Европско првенство и ја освои својата трета титула на континеталните првенства.

https://p.dw.com/p/1Axc7
Фотографија: Jonathan Nackstrand/AFP/Getty Images

Француските ракометари во финалето во целост го оправдаа својот прекар „Експерти“ и на најдобар начин демонстрираа зошто се најдобрата репрезентација во последните 15 години.

Исклучително инспирирано, користејќи го своето искуство, Французите едноставно ги декласираа своите противници, а францускиот селектор Клод Онеста, во целост го надмудри колегата Улрик Вилбек, за кого ова беше последен натпревар во богатата кариера.

Ангресивната одбрана, предводена од Тиери Омејер на голот, уште во раната фаза на мечот им овозможи на Французите да создадат предност од пет голови (2:7) во деветата минута.

Данците, импресионирани од финалето и од товарот дека играат пред домашната публика, никако не може да ја пронајдат својата игра.

Французите, тоа максимално го користеа и од минута во минута ја зголемуваа предноста: 4:11 (14 минута), 6:15 (20 минута), 7:17 (22 минута).

До крајот на натпреварот, Данска само во еден момент, во 44. минута намали на 30:24, но Французите набрзина ги вратија работите на свое место, не дозволувајќи ѝ на Данска да се надева на некаков пресврт.

Иако Хансен постигна девет голови, агресивната одбрана која врз него ја одигра Абало, го спречи најдобриот дански играч да ги разигра своите соиграчи.

Неверојатен натпревар одиграа играчите од првата постава на Франција, тие постигнаа 39 голови. Гигу постигна 10, Порт девет, Абало седум, Нарсис шест, а Карабатиќ пет голови, додека Омејер одбрани 12 удари.

Хансен со девет и Линдберг со шест голови беа единствените светли точки во данската репрезентација.