1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Французите нудат добро вино - Кинезите добри пари

Натали Штегер/ Зоран Јордановски 1 јануари 2013

Се’ повеќе Кинези купуваат лозја во Франција. Но, не сите Французи се воодушевени од инвестициите на младата кинеска авторка Жао Веи и нејзините сонародници во традиционалните француски лозарски региони.

https://p.dw.com/p/171ZP
Фотографија: Beboy/Fotolia

За што и да се зафати нежната убавица, станува хит. Жао Веи е вистинска ѕвезда во Кина - пејачка, модел, актерка, а сега и сопственичка на лозје во Франција. Замокот со лозје од сортата бордо 400 години беше во француски раце - се’ додека не дојде Кинезинката. „Претходно пробав и други вина, но кога дојдов овде - се’ се совпадна: зградата, околината, се’. Веднаш се вљубив - и во виното исто така“.

По една чашка со претходниот сопственик, кој се чини дека е задоволен. Цената е тајна, но познато е дека Кинезите плаќаат далеку натпросечно.

Јазикот на парите функционира и кога немаат поим што си велат меѓусебно. Се’ се одвива преку преведувач.

„Нашиот регион сфати дека кога странец купува, многу ќе инвестира, дури и ќе се обиде да го подобри квалитетот на виното. Тој сака да го продава во Кина - значи прави реклама за регионот Сент Емијон. Подобро и не може да биде за нашите вина во Кина“, вели Бернар Ривалс, поранешен сопствени на лозјето.

Bildergalerie Wein Traubenernte für koscheren Wein
Фотографија: picture alliance / dpa

Младата дама е крајно вешта во бизнисот и ништо не му препушта на случајот. Познато вино плус прочуено име - таа формула функционира. Нејзиното престижно вино Гран Кри класе од Сент  Емијон, виното на филмската ѕвезда, во секој случај добро ќе се продава во Кина. Еден соработник на Жао Веи истакнува: „Се гордееме со Жао Веи. Таа е прва актерка од Кина која овде поседува замок; тоа е чест“.

Кина е добар пазар за француските вина

Но и бизнис: народ со повеќе од милијарда припадници жедни за црвено вино, претставува добар пазар. „Сакам да споделувам убави работи. Дојдов овде оти бордо-виното е се’ поомилено во Кина. Сакам виното да го нудам во целиот свет, но пред се’ на Кинезите,“ подвлекува Веи.

А тие во Бордо купуваат вино во вредност од околу 600 милиони евра годишно; откако нивни сонародници инвестираат - уште повеќе. Во кинески посед се 30 имоти со лозја. Во Бордо тоа го сметаат за добро, за разлика од 600 километри оддалечената Бургундија. Таму, како прво, Кина не игра воопшто никаква улога како пазар за пласман, и, второ, тие се однесуваат типично француски и порадо сами ги произведуваат своите продукти. Но, сега и таму, во Шамбертен, е забележан првиот случај на купување од страна на Кинез.

Каролин Друен, ќерка на винар: „Кинезите се’ повеќе се интересираат за нашиот бургундец. Многумина доаѓаат, главно познавачи на вино, и се означуваат себе си како сомелиери.“

Weinkeller in Winningen an der Mosel ARCHIVBILD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проблем во Бургундија е дека лозарскиот регион е мал, има само неколку добри винарии и кинеските купувачи предизвикуваат пораст на цените за земја и недвижности.

Жан-Мишел Гујон се плаши да не дојде до распродажба на Бургундија. „Ако овде има нешто за продажба, тогаш порадо би се здружиле ние винарите и би го купиле. Кинезите сакаат само да се фалат, инвестираат за своја сопствена слава, за своето его.“

„Штета е, нашето наследство мора да остане француско. Во никој случај не би требало да го преземат странци, инаку ќе загубиме малку од посебноста на нашата култура во Бургундија.“

За Французите само француско вино е добро вино !

Повод за целото возбудување е еден замок од 13 век, плус лозјето. Новиот сопственик е некој газда на коцкарница од Макао. Наследниците бараа 3 милиони, винарите се здружија и понудија пет, но Кинезот даде осум милиони евра и замокот отиде во негова сопственост. „Мораме да останеме будни. Би прифатиле ли нашите кинески пријатели ако ние би купиле дел од нивниот ѕид? Мислам не,“ вели Гујон.

Bildergalerie Wein Eisweinlese in Rheinhessen
Фотографија: picture alliance / dpa

Тие во Бургундија зборуваат глупости, сметаат во големиот лозарски регион Бордо. Овде има многу повеќе вино за продажба и поради тоа се добредојдени кинески инвеститори како Жао Веи. Нејзе дури и беше укажана почест - ја примија во традиционалното братство на винарите од Бордо.

Ибер де Буард од Братство Сент Емијон пак смета: „Претставете си Французин да оди во Кина и да не биде прифатен, оти е Французин. Не, ние мораме да ја примиме, мораме да реагираме професионално.“

Вистински професионални се сите актери овде: многупочитуваното Братство и новозбогатената актерка. Таа е сега новопечена сопственичка на лозарски имот и игра една од најубавите улоги во нејзиниот живот, притоа и доходовна. Жао само уште мора да научи француски.