1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Французите учат македонски

25 август 2009

Францускиот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), познат под името „Langues O’ “ е создаден од Колберт во 1669 година, а македонскиот е еден од 93-те јазици колку што се изучуваат во него.

https://p.dw.com/p/JHJW
Група студенти и професори во ИНАЛКОФотографија: DW

Факултативната настава по македонски јазик започна во 1962 година, а од пред две години студентите можат да се стекнат со диплома за завршени мастер-студии по македонски јазик. Раководителката на катедрата д-р Фроса Пејоска-Бушеро, која исто така беше студентка по македонски јазик кај нејзината претходничка, професорката Јорданка Фулон е задоволна со бројот на запишаните студенти и нивната упорност, посебно ако се знае дека Македонија, македонскиот јазик и култура не се многу познати во Франција.

„На сите години имаме повеќе од дваесет студенти, што е добар успех, бидејќи на другите балкански јазици нема повеќе од 25-26, ретко 30 студенти, освен на српски, каде што има повеќе. Сега имаме и мастер-студии и државни дипломи, што е интересно за македонскиот јазик, кој има посебна катедра. “

Лекторот д-р Ирина Бабамова, ги потврдува зборовите на раководителката на катедрата, Фроса Пејоска-Бушеро:

„Можам да кажам дека постои интерес за изучување на македонскиот јазик и покрај тоа што македонскиот е јазик со мала дифузија. Сепак, и меѓу Французите постои интерес за изучување на нашиот јазик. Можам да кажам дека сум многу задоволна од работата на студентите, затоа што се навистина трудољубиви и исполнителни во работата.“

Најстариот студент има 81 година

Студентите во ИНАЛКО имаат можност да го изучуваат не само македонскиот јазик, туку и македонската литература, историја и култура.

„Се викам Пјер Андре, студирам македонски јазик во ИНАЛКО, трета година“.

„Јас сум Ервин Ислам и сум на прва година студии на ИНАЛКО“.

„Јас сум Шарл Гијом, учам македонски во ИНАЛКО, четврта година.“

INALCO
Елијан Ламбер е најстарата студентка на Катедрата по македонски јазикФотографија: DW

„Јас учам македонски јазик во ИНАЛКО “ , вели Елијан Ламбер, доајенот на студентите на Катедрата по македонски јазик. Родена во 1928, со македонскиот јазик и култура таа стапила во контакт во Руан, каде живее значаен дел од малубројната македонска дијаспора во Франција. Секој од студент има свои причини зошто избрал да студира на катедрата по Македонски јазик.

„Многу ме интересира Балканот и особено Македонија и Бугарија“, вели Шарл-Гијом, додека за Ервин причината е неговото потекло: „Дека сум Македонец и сакав убаво да зборувам и пишувам македонски.“

Ервин е роден во Франција и вели дека македонски знаел да зборува и пред да дојде на факултет, но не зборувал добро.

Одбрана од негациите на јазикот и идентитетот

Студентите со големо внимание ги следат настаните поврзани со Македонија, а и тие самите се соочуваат со негирањето на македонскиот идентитет.

„Многу луѓе, исто и во Иналко, велат дека Македонија не постои како независна држава. Многу луѓе ме прашуваат – зошто се одлучуваш да студираш и учиш македонски јазик кој во иднина нема да постои“, раскажува Пјер-Андре, кој паралелно со македонскиот го изучува и словенечкиот јазик. Слични забелешки има и Шарл-Гијом, кој покрај македонскиот студира и бугарски јазик. Вели дека понекогаш го прашуваат...

INALCO
Студентите се убедени дека јазикот кој го изучуваат и земјата Македонија, во која тој најмногу се зборува, има иднинаФотографија: DW

„Зошто го учиш јазикот кој не е јазик, туку само дијалект? Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот или на српскиот. Но, има многу разлики меѓу македонскиот јазик и бугарскиот јазик и многу е тешко да ги учам двата јазици, често правам грешки, зашто не е истиот јазик.“

Студентите се убедени дека јазикот кој го изучуваат и земјата Македонија, во која тој најмногу се зборува, има иднина. Од своја страна, Катедрата по македонски јазик ја игра улогата на бранител на македонскиот јазик, култура и идентитет во Франција, пред се‘ на научен план со организирање научни советувања , симпозиуми, конференции...

„Не е само политиката и дипломатијата најважна во странство. Гледам дека за другите народи, за другите држави, повеќе нешта поминуваат преку културата“, нагласува Фроса Пејоска-Бушеро.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска