1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француска поддршка за Македонија

Тони Гламчевски27 ноември 2008

Франција ќе се заложи за забрзување на процесот на визна либерализиција за Македонија, порача францускиот државен секретар за европски прашања, Жан-Пјер Жује по средбата со македонскиот вицепремиер Ивица Боцевски.

https://p.dw.com/p/G2wO
ПаризФотографија: Alen Legovic

Франција ќе биде на македонска страна во процесот на визна либерализација во текот на 2009 година. Ова е пораката од францускиот државен секретар за Европски прашања, Жан-Пјер Жује. Тој во Париз му беше домаќин на македонскиот вицепремиер за евро-интеграции, Ивица Боцевски. Жује, на разговорите нагласил дека неговата земја се ангажира за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ уште од самитот во Загреб во 2000-та година.

Франција е подготвена да им помогне на македонските власти во спроведувањето на потребните реформи со цел да се зацврстат административните капацитети на земјата, посебно во правосудството и внатрешните работи. Жује притоа нагласи дека Париз ќе предложи решение за либерализација на визите во наредните шест месеци. Франција е многу отворена во оваа област и ќе има контакти меѓу администрациите на двете земји.

Напредокот на Македонија е важен

Францускиот државен секретар за европски прашања ја поздрави и определбата на македонските власти да ги искористат препораките кои се наоѓаат во последниот извештај на Европската комисија. Тие се однесуваат на постигнатиот напредок во областа на реформите и почитување на политичките критериуми од Копенхаген. Франција сака Македонија да постигне значаен напредок во поглед на демократизацијата, правната држава, борбата против корупцијата.

Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

Ивица Боцевски на домаќинот му го предал Акцискиот план кој македонската влада го подготвила во однос на исполнувањето на критериумите. За овој документ ќе се разговара на Општиот министерски совет, во рамките на дискусиите на Договорот за стабилизација и асоцијација, кој ќе се одржи на 8 декември.

Боцевски: ќе падне и последниот ѕид во Европа

Ивица Боцевски по средбата видно задоволен нагласи дека добил уверување дека визната бариера ќе се отстрани. Со тоа според него, по Берлинскиот ѕид, ќе падне и последната препрека за македонските граѓани во однос на Европа.