1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фридом хаус“: демократијата во Македонија назадува

Горан Петрески13 јануари 2009

Во најновиот извештај на американската невладина организација „Фридом хаус“, Македонија доби полоши оценки за демократијата во земјата. Македонските аналитичари се со поостра критика за состојбите.

https://p.dw.com/p/GXiC
Извештајот на „Фридом хаус“

Демократијата во Македонија назадува, оцени „Фридом хаус“ во најновиот извештај во кој земјата повторно се вбројува во „делумно слободни држави“. Македонија доби надолна стрелка заради зголемениот прогон и насилство врз членови на политички партии за време на парламентарните избори во јуни, коишто домашните и меѓународните набљудувачи ги оценија како најлоши, откако земјата стана независна - ова се наведува во извештајот, во делот за Македонија, на американската невладина организација.

Остра критика од македонските експерти

Македонските аналитичари коишто ги анкетираше „Дојче веле“ настапуваат со поостра критика за демократските слободи и права во земјата. Колумнистот Никола Гелевски вели дека „општествените сфери што треба да ја контролираат власта, како на пример, медиумите или НВО-секторот, се корумпирани од власта дури до тој степен што се претвораат во нивни пропагатори и агитатори“.

Buckovski - Justiz
Лошата оценка за Македонија е поради зголемениот прогон врз членови на политички партии. Меѓу осудените е и поранешниот премиер Бучковски.Фотографија: MIA Photo Service

„На тој начин се купува лажен мир и лажна позитивна атмосфера, а суштински длабоко работите внатре гнијат“, вели Гелевски.

Македонија не може да се пофали со владење на правото и стабилни демократски принципи, констатира Тони Менкиновски од Хелсиншкиот комитет за човекови права. На скалата од еден до седум, на која еден е најдобра оценка, Македонија е оценета со три за политичките, како и за човековите права.

Констатирано генерално назадување и стагнација на слободата

Во извештајот се оценети 193 земји во светот и генерално е констатирано „назадување и стагнација на слободата“. Во однос на земјите од источна и централна Европа, во извештајот заедно со Македонија се потенцира и назадување на демократијата во Бугарија. Како делумно слободни земји се оценети и Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. „Слободни земји“, според „Фридом хаус“, се Србија, Хрватска, Грција и Бугарија. Во светот има 89 „слободни“ и 42 „неслободни“ земји. Прва на листата според демократија е Финска, а последна е Северна Кореја.