1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих бара исфрлање на бугарските и романските „социјални туристи“

ЕМФ/дпа7 јуни 2013

Германските општини се‘ погласно се жалат на доселеници од Бугарија и Романија кои, бегајќи од сиромаштијата во своите земји, поднесуваат барања за социјална помош во Германија. Владата сега најавува поостри санкции.

https://p.dw.com/p/18lj6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада има намера во иднина да постапува поостро против илегалните доселеници од Романија и Бугарија, кои бегајќи од бедата во татковината, се надеваат на подобри денови во Германија. Во иднина треба да се засили процесот на нивно протерување и да се воведат забрани за влез во Германија. Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих ваквите намери на официјален Берлин денеска (07.06) ги обелодени пред колегите од европските земји на средбата во Луксембург. „Кој овде делува илегално на каков било начин, треба да биде вратен назад“, рече Фридрих, додавајќи дека полицијата тоа може да го контролира. „Ако бидат фатени, тогаш може да се исфрлат без големи процедури.“ На тој начин, според Фридрих, треба да се спречи злоупотребата на социјалните системи.

Berlin - Lustgarten
Колкав е бројот на „социјалните туристи“ се‘ уште не се знаеФотографија: picture-alliance/ZB

Министерот изјави дека треба да се создаде и можност за воведување забрана за влез во Германија, „за да не се вратат веќе наредниот ден“. Европската комисиjа ја информирала Германија дека вакви санкции при злоупотреба на социјални услуги се дозволени согласно европското право.

Бројот на доселеници од Бугарија и Романија во последно време е многу зголемен, а поголемиот дел од нив се Роми. Многу германски општино се жалат поради тоа и трошоците што од тоа произлегуваат. Обвинувањето гласи - овие граѓани на ЕУ ја злоупотребуваат слободата на движење во ЕУ за да поднесат барање за социјална помош во друга земја членка на Унијата. Германската влада, според сопствени наводи, не располага со конкретни бројки. Европската комисија, пак, бара конкретни бројки и докази за проблемите.