1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих: Италија да преземе одговорност за бегалците од Тунис

11 април 2011

Министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург дебатираат околу третманот на бегалците од Северна Африка. Повеќе земји се противат на одлуката на Италија да им издаде времени визи на бегалците од Тунис.

https://p.dw.com/p/10rLv
Бегалци на Лампедуза
Бегалци на ЛампедузаФотографија: picture alliance / dpa

Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих, денеска во Луксембург на средбата на европските министри за внатрешни работи, ја критикуваше Италија поради издавањето на времени визи за бегалците од Северна Африка. „Не може да дозволиме, преку Италија во Европа да дојдат голем број економски бегалци“, подвлече Фридрих.

Ханс-Петер Фридрих
Ханс-Петер ФридрихФотографија: dapd

Германската влада очекува официјален Рим да ги почитува важечките прописи. Во случај во Германија да дојдат повеќе бегалци, како последица на издавањето на италијанските визи, ќе бидат зајакнати контролите на германските граници, мерка која Франција веќе почна да ја применува. Германскиот министер уште пред да замине за Луксембург, преку првата програма на германската телевизија, побара поголема одговорност од Италија. „Се разбира, бегалските бранови се секогаш европски проблем. Меѓутоа, во рамките на европската солидарност неопходно е секоја земја да преземе одговорност, а тоа подразбира особено Италијанците да преговараат со нивните партнери во Тунис, со тамошната влада. Ние, како Европска унија, ќе сториме се’ за да го намалиме притисокот на бегалците во Северна Африка“, изјави Фридрих.

Бегалци на Лампедуза
БегалциФотографија: AP

Освен Германија и Франција, и Австрија ги отфрла барањата на официјален Рим за поголема помош и е против издавањето визи за бегалците во Тунис. „Ќе разгледаме, дали ќе ги признаеме визите, кои сега ги издава Италија“, изјави австриската министерка за внатрешни работи Мариа Фектер, додека нејзиниот шпански колега Алфредо Перес Рубалкаба се заложи Тунежаните да се вратат во нивната татковина и тамошната влада да ги прифати.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони денеска повторно ги повика останатите земји на ЕУ да ја поддржат неговата земја по прашањето со бегалците. „Денеска ќе видиме дали посотои обединета и солидарна Европа или едноставно се работи за географски простор“, рече Марони.

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, утре ќе отпатува на разговори во Тунис.

Автор: АТ/ ЕМФ/ афп/ ард

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема