1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих не сака сиромашни мигранти од Романија и Бугарија

Б. Георгиевски/ртр/дпа8 октомври 2013

Германскиот министер за внатрешни работи бара од Европската комисија мерки против сиромашните мигранти од Романија и Бугарија кои доаѓаат во Германија само за да бараат социјална помош.

https://p.dw.com/p/19vyN
Фотографија: picture alliance/dpa

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс- Петер Фридрих бара начини да се спречи миграцијата на сиромашните бегалци во границите на ЕУ. За денешното издание на весникот „Велт“, Фридрих изјави дека мигранти од најсиромашните земји-членки на ЕУ, Романија и Бугарија, лажно добиваат бефенции во други земји на Унијата.

„Поради растечкиот број на злоупотреби на слободата на движење, сѐ повеќе градови и општини во Германија пријавуваат проблеми. Европската комисија ќе мора сериозно да се позанимава со овие прашања“, порача Фридрих пред денешната средба на министрите за внатрешни работи и правда во Луксембург.

Фридрих го повтори барањето да се воведе забрана за патување за оние кои ја злоупотребуваат слободата. „Слободата на движење не значи само да се има слобода да се преселите во друга земја само поради тоа што таму има подобра социјална помош“, вели Фридрих. Притоа, тој ги повика Романија и Бугарија правилно да ги користат средствата од социјалните фондови на ЕУ за оваа намена.

Голем број градови во Германија се жалат на зголемен број доселеници од Романија и Бугарија. Се работи за најсиромашните слоеви од населението кои во Германија доаѓаат исклучиво за да бараат социјална помош, која е далеку повисока од онаа во нивните матични земји.

Во заедничко писмо со неговите колеги од Велика Британија, Австрија и Холандија, Фридрих побара од Европската комисија да преземе построги санкции против овие мигранти. Но, надлежните во Брисел во моментов не гледаат причина за загриженост. Комесарот за труд Ласло Андор оцени дека таквата дискусија е „претерана“.

Што се однесува до бегалците од Сирија, Фридрих го повтори барањето за организирање европска конференција на таа тема. „Со преземањето на 5.000 бегалци Германија го направи првиот чекор. Но само заедничка европска акција може да понуди решение за состојбата во која се наоѓаат речиси два милиони бегалци од Сирија“.