1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих по информации во САД, а опозицијата незадоволна

Свен Пеле/Александар Методијев/дпа13 јули 2013

САД ветија дека ќе разменуваат повеќе разузнавачки информации со Германија, информираше германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих по посетата на Белата куќа.

https://p.dw.com/p/197Gl
Фотографија: Reuters

При посетата на Фридрих на Белата куќа со американскиот министер за правда Ерик Холдер и со Лиса Монако, советник за безбедност на американскиот претседател задолжена за прашања поврзани со борбата против тероризмот, била постигната согласност за поголема транспарентност и информирање во однос на разузнавачки прашања, информираше германската делегација по состанокот. Фридрих се осврнал на „посебната чувствителност на Германците за темата приватност и заштита на податоци“. Сепак, тој не се сретна со врвот на американската разузнавачка служба.

До пред неколку дена името на Фридрих не беше на листата на патници кон Вашингтон и делегацијата требаше да биде на пониско ниво, но на крајот министерот се одлучи да се сретне со американските власти, затоа што тој сака да ја поврати нарушената доверба и да стави јасно до занење дека следењето на сите комуникациски содржини е несоодветно на околностите, објасни Фридрих.

Тема за изборна кампања

И неколку недели по првите објави на извештаите за тајните програми на американската Национална агенција за безбедност се разгорува дебата на насловните страници во германските медиуми за улогата на западните разузнавачки служби и на германската тајна служба.

USA Screenshot Website der NSA
Фотографија: Imago

Во голем дел Националната агенција за безбедност следела и германски граѓани и институции. Во објавите на Едвард Сноуден, поранешниот соработник на Националната агенција за безбедност, се зборува за месечно следење на 500 милиони комуникациски поврзувања преку телефон, мејл, смс или чат.

За опозицијата во Германија кражбата на податоци е добредојдена тема во средина на изборната кампања. Раководните политичари бараат сеопфатни информации и ја напаѓаат владата. Се поставува прашањето „дали 500 милиони мејлови месечно се следени од странска разузнавачка служба со знаење на германската влада и во соработка со германската разузнавачка служба“, вели претседателот на СПД Зигмар Габриел за германското радио Култур.

Sigmar Gabriel Kritik an Angela Merkel NSA Abhörskandal
Зигмар Габриел, претседател на СПДФотографија: picture-alliance/dpa

Опозициски политичари, како што е Ханс-Кристијан Штребеле од Сојузот 90/Зелени, се сомневаат дека сојузната влада не знае ништо за активностите на западните тајни служби. Во едно интервју Сноуден објасни дека Германија и Националната агенција за безбедност се кријат „под еден покрив“.

А, што знае сојузната влада?

Министерот за внатрешни работи, како и канцеларката Ангела Меркел, но и сојузната министерка за правда Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер веќе објаснија дека за Присм, програмата на американската разузнавачка служба за собирање податоци, најпрво дознале од медиумите.

Сојузната влада веќе има истакнато дека е неопходна соработката со американските разузнавачки служби во борбата против тероризмот и дека е воздржана во однос на долгогодишниот партнер - САД. Министерот за внатрешни работи Фридрих изјави дека без докази од САД веројатно не би можеле да се спречат терористички напади во Германија.