1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Deutschland WM

13 јули 2010

Младите играчи на тренерот Јоахим Лев ја одушевија не само домашната публика, туку и многу пошироко. Со нивната младост, леснотија и разиграност на теренот тие на светот му посредуваа поинаква слика за Германија.

https://p.dw.com/p/OHrp

Ниту една рекламна агенција на светот немаше да успее да го подобри имиџот на Германија толку, колку што тоа им појде од рака на избраниците на селекторот Јоахим Лев. Германија во светското јавно мислење од секогаш се сметаше за земја на многу способни и работливи луѓе. По она што на теренот го покажаа Томас Милер, Месут Езил, Бастијан Швајнштајгер, Семи Кедира и нивните колеги од тимот - сега во сликата за Германија се додадени и карактеристики како леснотија, разиграност и убавина. Германскиот тим меѓутоа ги освои симпатиите на светската јавност и со мултикултурниот состав - околу половина од сите играчи на фудбалската репрезентација се или доселеници или деца на доселеници.

Доселеничка земја или не!?

Од таа гледна точка човек не може да му се начуди на тоа што дел од Германците се’ уште негираат дека нивната земја е доселеничка. Тие во доселувањето на лица со поинаква боја на кожата, од поинаква вероисповест и со чудни имиња гледаат повеќе проблем, отколку шанса за создавање нешто подобро за сите. Во тој поглед фудбалот, како најубавата споредна работа на светот, им одржа лекција како на политичарите, така и на не мали делови на германското општество за тоа какви предности носи успешната интеграција на странците.

Нови идоли

Каква земја - таков фудбал, се вели и тоа со право! Германскиот фудбал порано го одликуваше силна волја за победа, борбеност, издржливост и неверојатна тактичка дисциплина. Германскиот стил на теренот го отсликуваше економскиот успех на земјата што воскресна од пепелот на Втората светска војна. Во склад со тоа фудбалски идоли беа јаките момци како Фриц Валтер, Уве Зелер или Франц Бекенбауер. Денешната генерација нивни наследници меѓутоа ги одликува умешност и убавина во тркалањето на топката, а нов јунак на младата генерација е Германецот со турско потекло Месут Езил. Како муслиман тој не јаде свинско месо, не пие алкохол, а пред натпреварите му се моли на Алах. Тоа што е тој поинаков од просечниот германски граѓанин, очигледно никому не му пречи, како на теренот, така и меѓу бројните навивачи. Месут Езил е култ за сите фенови на германската репрезентација! Исто колку и стопроцентниот Баварец Томас Милер, со кого Месут совршено комбинира дупли пасови и ги решета мрежите на противниците. Хармоничата соработка на теренот и пријателството надвор од него меѓу Месут и Томас се само одраз на соработката меѓу децата на мигрантите и оние од мнозинското германско население, која во меѓувреме станува сама по себе разбирлива.

Мултикулти репрезентација

Соодветно на тоа и поддршката за германската фудбалска репрезентација ги опфаќа сите општествени слоеви. На играчите со црно-црвено-жолто знаменце на дресот со исто одушевување им аплаудираат и ги бодрат асли Германците и нивните сограѓани со мигрантско потекло. Седумте натпревари што на Светското првенство ги одигра селекцијата на Јоахим Лев навистина смени нешто во германското општество. И тоа е процес што почна да се наѕира уште на претходното превенство 2006 година, на кое домаќин му беше Германија. Уште тогаш сите бевме изненадени од појавата на нов, видоизменет патриотизам. Граѓаните на Германија тогаш со нескриеното одушевување за нивните фудбалери ги ослободија националните симболи од канџите на националистичките и назадни сили во општеството. Таквото одушевување за националната селекција продолжи и на ова првенство и дури се продлабочи. Оние, на кои Германците во татковината овојпат им се одушевуваа, потекнуваат од Турција и Бразил, некои од нив дома зборуваат на полски, а трети имаат татко по потекло од Тунис или Шпанија.

Странците - шанса за Германија!

Тоа што во оваа земја во меѓувреме имаме претседатели на партии застапени во парламентот, кои потекнуваат од Турција, или пак министри во сојузната влада во Берлин со виетнамски корени - тоа очигледно не ги засега многу обичните граѓани. Но, играчите на Јоахим Лев ги разбудија срцата на милиони! Сега е само прашање кога просечниот Германец ќе го стави прстот на главата и ќе се праша: па ако интеграцијата на странците може да донесе толкав успех и убавина на фудбалските терени, какви перспективи и’ се отвораат на нашата земја доколку ни појде од рака да ги истакнеме и поддржиме нивните силни страни во другите подрачја на општествениот живот? Кусиот и недвосмислен одговор на ова прашање дефинитивно и неповратно ќе го смени не само имиџот, туку и целокупниот живот во Германија!

Автор на коментарот: Фолкер Вагeнер

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска