1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фудбалот е нашето генетско наследство“

Зоран Јордановски8 јуни 2006

Адидас е „официјален лиферант на спортски артикли“ за светското фудбалско првенство, за што дава многу пари, но има и полза

https://p.dw.com/p/AeLc
Фотографија: DW-TV

Со Договорот за спонзорство со Светската фудбалска асоцијација ФИФА Адидас е „официјален лиферант на спортски артикли“ за ова, како и за наредните две светски фудбалски првенства, оти во меѓувреме договорот е продолжен до 2014-та година. Тоа ќе го чини Адидас 215 милиони евра во готови пари, згора на тоа уште и негови производи во вредност од натамошни 136 милиони. Германскиот производител на спортски артикли, се разбира наоѓа своја економска сметка и логика во ваквите зделки. За време на неодамнешната посета на Адидас некои работи можевме да ги слушнеме „од прва рака“.

„Фудбалот е нашето генетско наследство“ – има речено шефот на управниот одбор на концернот Адидас Херберт Хајнер. Историјата на фирмата и на нејзиниот подем е врзана за фудбалскиот спорт. Некогашната работилница за производство на чевли профитира од подвигот на германската фудбалска репрезентација на светското првенство во 1954-та година - а таа пак од иновативните фудбалски чевли со гумени крампони на навртување, произведени од Адидас. Со нив избраниците на Сеп Хербергер во финалето во Берн ги надиграа фаворизираните ѕвезди од унгарскиот „тим од сништа“.

И денес фудбалот е главното тежиште во производната програма на Адидас: топки, копачки, дресови – за активни спортисти и за љубителите на тој спорт, кои со носење на дресот надворешно се идентификуваат со својот клуб или репрезентација. Само од овој сегмент во Адидас очекуваат дека годинава без проблеми ќе ја совладаат магичната граница на приход од една милијарда евра. На претстојниот мондијал шест репрезентации – Германија, Аргентина, Франција, Шпанија, Јапонија и Тринидад и Тобаго ќе настапуваат со опрема од Адидас. Знакот на фирмата, покрај тоа, ќе биде видлив на сите судиски дресови, како и на облеката на многубројните платени или волонтерски ангажирани помошници во организацијата на шампионатот. Разбирливо, со телевизиските преноси логото на концернот од малото место Херцогенаурах во Баварија, недалеку од Нирнберг, ќе влезе и во оние домови некаде во светот, каде досега не го имаа видено.

Спроти ова светското првенство Адидас повторно исфрли на пазарот нов модел на фудбалски чевел – се разбира, неизвесно е дали ефектот од него за германскиот тим ќе биде како и пред 52 години во Берн. „Што е ново кај овој чевел? Можете да видите – оваа влошка. Во неа се вградени мали тегови. Тој товар дава уште повеќе сила на ударот, но истовремено и поголема контрола врз топката. Таа тежина може да биде различна – има различни влошки. Чевелот е лесен, влошката „легнува“ во посебниот канал за неа. Се’ зависи од играчот: ако сака полесни копачки, ќе стави полесни влошки – и обратно“ – објаснува Оливер Бриген, претставник на Адидас за односи со јавност.

Во Бундеслигата во последново првенство такви копачки користеа Михаел Балак, Лукас Подолски, Бастијан Швајнштајгер, на европските терени Сисе, Трезеге, дел Пјеро. Помладите ги сакаат во нападни бои, реномираните асови се за подецентен изглед.

Партнерството со ФИФА и УЕФА се исплати – Адидас е име кое нешто значи во светот, а фудбалот, се чини, е попопуларен од кога и да е. Затоа веројатно не е нереално предвидувањето да бидат продадени до 10 милиони фудбалски топки – а само една од оние со кои ќе се игра на првенството, наречена „тимгајст“, односно тимски дух, чини 110 евра. За потребите на 64-те средби на светското првенство ќе бидат ставени на располагање 2650 такви топки. „Тимгајст“ би требало да е најсовршената што е досега произведена – идеално тркалезна, без подлабоки рабови на составните линии - оти е лепена, а не шиена, не прима вода, оти е од синтетички материјал.

„Постојано вчудовидува: ако на пример во 1970-та година видевте една топка, таа за тогашни стандарди веќе беше идеално тркалезна - и пак се размислуваше што може на таа топка да се направи подобро, како е тоа можно. Сепак имаше натамошен развој. И сега би можел - но не смеам - да ви раскажувам што се подготвува за наредното европско првенство. Смеам само да кажам дека пак ќе дојде нешто ново, подобро, а и материјалите од кои се прави постојано научно се менуваат“. Она од што Бриген прави мистика, всушност е веќе познато, оти се подготвуваше веќе за ова светско првенство, но не доби виза од ФИФА: топка со вграден чип и мини-предавател, која на судијата ќе му сигнализира дека ја минала гол-линијата. Голема е веројатноста дека тој новитет ќе биде во функција за европското првеснтво по две години.

Понатаму, предвидено е да бидат продадени 500 илјади дресови. Севкупно, концернот очекува од светското првенство импулс изразен во зголемен промет за најмалку 20 проценти. Тоа дури звучи и скромно, со оглед дека на претходното првенство скокот изнесуваше 30 проценти. И стручните набљудувачи проценуваат дека Адидас во годината на светското првенство ќе ја надмине минатогодишната рекордна чиста добивка од 390 милиони евра.

Адидас вложува многу пари во спонзорството. Но, и други фирми се обидуваат да го искористат првенството во рекламни цели, организираат слични акции како Адидас. Што ако биде повередено неговото ексклузивно право? „Секое претпријатие има свои цели поврзани со ова светско првенство. Но, независно од тоа, ние – се разбира – му веруваме на нашиот партнер ФИФА кој истакна јасни директиви, што се и во смисла на она што е од наш интерес. Размислете, сите спонзори на ова првенство плаќаат многу, многу пари за негово кофинансирање. Така што веруваме дека кога би се појавило такво нешто, ФИФА би реагирала соодветно строго“.

Адидас минатата година стратегиски се престрои: го продаде Саломон и со тоа се повлече од зимските спортови, но го купи третиот најголем светски производител на спортска опрема, американскиот Рибок за 3 милијарди и 100 милиона евра и ја зацврсти својата позиција како втор во светот, позначително му се доближи на водечкиот Најк и, што е поважно, си отвори пристап до спортовите кои традиционално на американскиот континент играат позначајна улога.

Ева Косман објасни како по трансформациите денес изгледа марката Адидас: „Групата Адидас АГ, како што се вика од мај наваму, е составена од поддруштвата Адидас, Рибок и Тејлор-Мејд Адидас-голф. Во производниот дел имаме три дивизии: најголемата е ’Спорт-перформанс‘, која носи околу 80 насто од приходите. Опфаќа продукти за спорт – фудбал, кошарка, атлетика, тенис...и не само за професионални спортисти, туку и за рекреативци. Во оваа дивизија спаѓа и досега воопшто најобемната рекламна кампања на Адидас наречена ’плус 10‘ која се фокусира на односот на поединецот и тимот. Еден Дејвид Бекем има потреба и од соиграчи, не може да победува самиот, туку му се потребни и другите 10 од тимот и само така можат да го постигнат неможното. Тука се и партнерствата со најдобрите спортисти: Бекем, тенисерката Жистин Анан-Арден, атлетичарите Елена Изинбаева, Вероника Кембел, Морис Грин – мал избор од сите што ги имаме, за да ја симболизираме целата широчина на спектарот, значи не е само фудбалот туку и други спортски гранки“.

Втората, „Херитиџ-дивизија“ со продукти во ретро-дизајн од 70-тите и 80-тите години, носи околу 13 до 15 проценти од приходите. „Гвен Стефани, Бисти бојс, Ашер, Сера Конор, па дури и Мадона и Роби Вилијамс носат такви продукти и тоа по своја волја и избор, а не затоа што се врзани со рекламен договор“ – нагласува Косман.

„Спорт-стајл“ дивизијата е висока мода инспирирана од спортот. Лансирана беше на модна недела во Њујорк, се продава во големите метрополи на модата во светот: Лондон, Њујорк, Милано.

Зошто еден концерн, кој може да биде и типичен пример на претпријатије од ерата на глобализацијата, оти во Германија има само еден производен погон – се’ друго се прави во светот, најмногу во Азија – опстојува со главно седиште во малиот Херцогенаурах? Ева Косман за тоа вели: „Често ни го поставуваат – а и самите си го поставуваме тоа прашање. Но, причина е традицијата. Овде е убаво, имаме убави работни услови, посебно в лето со малото езерце и спортските терени – во Франкфурт или во Њујорк не би го имале тоа што го имаме овде. Се разбира, има и економски и финансиски причини за да останеме овде“.