1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалската 2005 под знакот на Баерн

Арнулф Бетхер30 декември 2005

Двојната титула на Баерн, Купот на конфедерациите и скандалот со „местени“ резултати и’ дадоа белег на годината

https://p.dw.com/p/Aeji
Баерн: шампионско славје
Баерн: шампионско славјеФотографија: AP

Во фокусот на вниманието беше и наредното светско првенство, посебно извлекувањето на составот на групите од завршницата. Германија ги доби Полска, Костарика и Еквадор – решлива задача, според општа оценка, со која се согласува и сојузниот тренер Јирген Клинсман: „Се радуваме за групата, таа не е лесна, но можеме да успееме. Сакаме, ако биде можно, работата да ја завршиме како првопласирани во групата“.

Бранителот на титулата Бразил, кого во групата го чекаат Јапонија, Хрватска и Австралија, и овој пат е прв фаворит. Својата доминација Бразилците ја демонстрираа веќе летоска на Купот на конфедерациите. Во финалето на тоа мини-светско првенство, што се одигра во пет германски градови, фудбалските уметници предводени од најдобриот светски фудбалер за 2005-та, супер-ѕвездата Роналдињо, ја совладаа селекцијата на Аргентина со 4 спрема 1.

Германија го освои третото место со победата над Мексико со 4 спрема 3 и прикажа освежувачки, офанзивен фудбал со вкупно 15 постигнати голови. Надежи раѓаат пред се’ младите играчи предводени од Бастијан Швајнштајгер и Лукас Подолски. „Отсекогаш сметав дека треба да се заложиш и да се обидеш да дадеш се’ од себе. Јас сум напаѓач и давам голови“

– едноставна е формулата на успехот на Подолски.

Франц Бекенбауер, претседател на Организациониот комитет на светското првенство, годинава го прослави 60-от роденден и посети 31 земја за да ги поздрави сите што се пласираа за светското првенство. Притоа тој помина пат колку трипати да ја обиколи земјата. „За нас најголема пофалба би била да успееме да организираме светско првенство за кое најголемиот дел ќе кажат: Германците успеаја да бидат добри домаќини. А покрај тоа, уште и да имаме во Берлин на 9-ти јули 2006-та финале Германија против Бразил, за да постигнеме мал реванш за она што го доживеавме во Јокохама 2002-ра година“ – тоа се желбите на германскиот „фудбалски кајзер“.

Претседателот на светската фудбалска асоцијација ФИФА Јозеф Блатер не штедеше пофалби на адреса на организаторите. „Вие го имате слоганот ’Светот на гости кај пријатели‘. Ние можеме да кажеме: на гости сме кај пријатели“. Во моментов има поблеми со стадионите во Нирнберг, Кајзерслаутерн и Франкфурт, на кои треба да се играат натпревари од светското првенство. Се појавија пукнтини во бетонот, а во Кајзерслаутерн на покривот. Но, штетите ќе бидат навремено отстранети.

Примерни успеси оствари германскиот женски фудбал. Репрезентацијата по шести пат ја освои титулата европски првак со победата против Норвешка со 3 спрема 1 во финалето во англискиот град Блекбурн. За сојузниот тренер Тина Тојне-Маер тоа беше проштален натпревар: „Од ова денеска многу нешто ќе остане во спомените, зашто едноставно беше нешто посебно, зашто екипата на теренот, но и оние кои седеа на клупата за резерви, едноставно од самиот почеток сите ја посакуваа титулата“.

Екипата на Турбина од Потсдам во 2005-та година го освои Купот на УЕФА, а во финалето на Купот на Германија во Берлин го совладаа тимот на Франкфурт со 3 спрема 0. Претходно Франкфурт забележа 19 последовни победи во првенството, што е нов рекорд во лигата.

Во машка конкуренција Баерн ја круниса речиси беспрекорната сезона со предвремено освојување на 19-тата титула. На крајот предноста пред второпласираниот Шалке изнесуваше 14 бодови. „Горд сум на тимот и му благодарам на фудбалскиот клуб Баерн што ми овозможи за прв пат како тренер да ја освојам титулата“ - зборови на Феликс Магат, кој и на крајот од есенскиот дел на Бундеслигата пак со својот тим е на врвот, со 6 бодови предност. Шалке ни во финалето на купот не успеа да му се реваншира на Баерн – загуби со 2 спрема 1. Освен двојната круна, Баерн постигна и лигашки рекорд со серија од 15 последовни првенствени победи.

Победничкиот трофеј од Лигата на шампионите се најде во рацете на фудбалерите на Ливерпул, меѓу нив и поранешниот играч на Баерн Дитмар Хаман. А се чинеше дека е се’ загубено, но Ливерпул собра сили водството на Милан со 2 спрема 0 да го сврти во своја победа од 3 спрема 2 со изведување пенали. Баерн беше елиминиран во четвртфиналето.

Историски момент во финалето на купот на УЕФА: ЦСКА од Москва го победи Спортинг од Лисабон со 3 спрема 1 – за прв пат руски тим освои еден европски куп.

Фудбалската 2005-та година започна со скандал: во јануари изби на виделина вистината за манипулирани средби и подмитување во германскиот фудбал. Некогашниот фудбалски судија Роберт Хојцер и петмина други обвинети го манипулирале исходот на 23 натпревари. „Се срамам поради целата работа. Неверојатно ми е непријатно дека ги прекршив сите правила на судиското битие“ – се покаја Хојцер. Тој треба да одлежи две години и пет месеци затвор, неговиот поранешен колега Доминик Маркс доби една ипол година затвор условно.