1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фуере: Евроскептицизам не преовладува

13 јули 2010

Евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере оценува дека резултатите од последната анкета, според кои е опадната поддршката за ЕУ интеграциите во Македонија, се спротивни на претходните истражувања.

https://p.dw.com/p/OI5q
Фотографија: DW

Резултатите од истражувањето на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), според кои опаднала поддршката на македонските граѓани за интеграција во ЕУ, според евроамбасадорот Ерван Фуере се спротивни на претходните истражувања кои покажувале дека тие му даваат огромна поддршка на процесот.

„Се’ уште ги прегледуваме овие извештаи, но морам да кажам дека тие се во спротивност со претходните истражувања што ја демонстрираа огромната поддршка на граѓаните за процесот на интеграција во Европската унија. Сметам дека тоа се’ уште останува примарна цел на граѓаните, бидејќи тие ја гледаат интеграцијата во ЕУ како гаранција за подобра иднина, за повеќе работни места и намалување на стапката на невработеност, како и можност македонските граѓани да ги почувстувуваат придобивките на зачленувањето“, изјави амбасадорот на ЕУ во Скопје при промоцијата на 30. број на списанието „Политичка мисла“ во организација на германската фондација „Конрад Аденауер“.

Според Фуере, скептицизмот не доминира и мнозинството граѓани на Република Македонија сакаат да ја видат земјата во ЕУ. „Не мислам дека преовладува скептицизам. Секаде се чувствува огромната поддршка за Европската унија и желбата да се биде дел од тоа семејство на народи. Ако постои таков скептицизам, тогаш тој претставува незначително малцинство. Но, генерално гледано, мислам дека граѓаните сакаат да ја видат земјата како дел од ЕУ“, истакна Фуере.

Евроамбасадорот подвлече дека ЕУ е посветена на реформскиот процес и оти нејзината поддршка изнесува околу 80 милиони евра директна помош преку грантови за реформите и кадар во земјата, кој има советодавна улога и обезбедува техничка помош. За побрза интеграција и остварување на примарната цел на мнозинството граѓани - членството во ЕУ, Фуере повика на отворен политички дијалог во државата.

Според истражувањето на СЕП, што беше објавено вчера, зачувувањето на името за 82,1 проценти од Македонците е поважно од влезот во ЕУ и НАТО. Кај албанската етничка заедница, пак, 18,1 проценти се изјасниле за зачувување на името, наспроти 77,8 отсто кои предност му даваат на влезот во ЕУ и НАТО.

Автор: АТ/миа

Редактор: Горан Чутаноски