1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Хаијан“ стигна до Виетнам, пустош на Филипините

С.Недевски/емф/дпа/афп/ртр11 ноември 2013

Тајфунот Хаијан, стигна на брегот на Виетнам, откако претходно предизвика огромни штети на Филипините. Во меѓувреме тече помошта за настраданите во опустошените филипински острови Лејте и Самар.

https://p.dw.com/p/1AF79
Фотографија: Reuters/Kham

Значително заслабнат тајфунот „Хаијан“ рано изутрината стигна до виетнамското крајбрежје. Како што соопшти Центарот за редупредување од тајфуни на САД (ЈТВЦ), тајфунот навлегол на копното на околу 160 километри југоисточно од главниот град на Виетнам, Ханој. Според податоците на метеоролозите, бурата сега е проследена со ветришта од само 120 километри на час. И покрај тоа, најмалку 600 илјади луѓе во Виетнам се евакуирани на сигурни локации. Бурата во неделата го промени курсот поради што се евакуирани уште околу 52.000 луѓе во северните провинции по должина на брегот.

Помошта за преживеаните - приоритет

Philippinen Taifun Haiyan 10.11.2013
Фотографија: Reuters/Lance Cpl. David N. Hersey/U.S. Marine Corps

Во текот на викендот „Хаијан“ ги опустоши источните филипински острови Лејте и Самар. Властите стравуваат дека притоа загинале повеќе од 10 илјади луѓе. Станува збор за еден од најсилните тајфуни кои досега ги погодиле Филипините. „Хаијан“, проследен со ветришта со брзина од преку 300 километри на час, помина преку островската држава во југоисточна Азија. Погодени од разурнувачката бура беа четири милиони луѓе. Исто така е јасно дека разурнувањата кои ги предизвика тајфунот се гигантски. Така во погодените крајбрежни региони цели села едноставно се срамнети со земја, слично како при цунами катастрофа, а многу населби и натаму се целосно изолирани од надворешниот свет. Три дена по тајфунот на Филипини се проценуваат штетите, а властите се обидуваат да обезбедат шатори и лекарства за најтешко настраданите во источниот дел од земјата.

Претседателот на Филипини Бенињо Акино, кој веднаш се упати во погодените региони, истакна: „Наредивме телата на загинатите да бидат погребани во масовни гробници, зашто претставуваат ризик за здравјето на преживените“. Според Акино, врвен приоритет на земјата сега е помошта за преживеаните.

Огромни размери на катастрофата

Philippinen Taifun Haiyan 11.11.2013
Фотографија: Reuters/Romeo Ranoco

По катастрофалната пустош што „Хаијан“ ја остави зад себе на Филипините, тргна меѓународната помош за жртвите од тајфунот. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека е трогнат од размерите на катастрофата и им понуди дополнителна помош на Филипините. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле најави 500 илјади евра итна помош од Германија, додека пак Европската Комисија во Брисел вети помош од три милиони евра. Јапонија соопшти дека ќе испрати 25-члена лекарска екипа на Филипини, кои ќе им помагаат на настраданите од тајфунот Хаијан.

Според податоците на ОН, огромен број луѓе во земјата се без пристап до храна, вода за пиење и лекови. Владините спасувачки екипи имаат проблеми во доставувањето на помошта, бидејќи се уништени аеродромите, мостовите и патиштата во регионот. Во Таклобан, град со околу 220 илјади жители, дојде до масовни грабежи. Владата во Манила испрати војници во градот за повторно да воспостават ред.