1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамарберг бара права за Македонците во Бугарија

22 февруари 2012

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг безуспешно реагирал до Софија, со барање Македонците да бидат претставени во бугарскиот Национален совет.

https://p.dw.com/p/147hd
Фотографија: Council of Europe

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг во последните видувања испратени до бугарската влада во делот за македонското малцинство констатира, дека тие исто како и Помаците, „се’ уште не се претставени во бугарскиот Национален совет за соработка по етничките прашања и интеграцијата“. Тој ги повикува бугарските власти да го исправат пропустот во тесна соработка со претставниците на овие заедници и тие да имаат претставници во него.

Томас Хамарберг изразува и загриженост поради тоа што здруженијата на Македонците од Бугарија и понатаму имаат тешкотии при нивната регистрација. Комесарот притоа е свесен дека обидите за повторна регистрација на ОМО Илинден-Пирин беа неуспешни. Во тој поглед Хамарберг ја подвлекува важноста да бидат појаснети бугарските закони за слобода на здружување и нивното пропорционално спроведување. Тој препорачува да се најде решение за овој случај, со отворен и искрен дијалог во согласност со нормите на Советот на Европа.

Во одговорот бугарската влада воопшто не се задржува на овие забелешки и за неа припадниците на македонското малцинство самите се нарекуваат „Македонци“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска