1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамарберг: Со Македонија и македонскиот јазик во ЕУ

1 февруари 2012

Томас Хамарберг, Комесар за човекови права на СЕ, за Дојче веле зборува за името, состојбата на медиумите, пописот, лажните азиланти, положбата на Македонците во соседните земји...

https://p.dw.com/p/13u0a
Томас ХамарбергФотографија: Council of Europe

Комесарот за човекови права во својот последен годишен извештај има направено преглед на повеќе области, во кои според него се потребни поенергични мерки во повеќе држави членки на Советот на Европа, почнувајќи од работењето на судскиот систем, во кој борбата против корупцијата, мешањето на политичката власт и недостигот на средства ја поткопуваат кредибилноста и независноста на правосудството.

Комесарот жали и поради се‘ посилните притисоците на кои се изложени медиумите, со што се загрозува незвисноста и плурализмот. Хамарберг посебно е загрижен за исклучувањето на хендикепираните од социјалниот живот, како и дискриминацијата на Ромите кои продолжуваат и понатаму да живеат на маргините од општеството. Потоа, тука е и дискриминацијата поради сексуалната определба, влошувањето на односот кон барателите на азил, каде политичарите повеќе го следат јавното мислење, отколку да му го покажат патот, што само ги храни ксенофобските движења. Хамарберг се осврнува и на насилството против жените и децата, и на крај Комесарот ја подвлекува загриженоста и за животните услови на старите лица.

Македонија не е во извештајот на Хамарберг

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, минатата година не ја посети Македонија, ниту соседните земји во кои има македонско малцинство, затоа овие области не беа опфатени во неговиот годишен извештај. Но во разговорот за Дојче Веле, Комесарот за човекови права нагласи дека е информиран за случувањата, како на пример за ситуацијата со медиумите во Македонија.

Mazedonien TV Alfa
Засилената поларизација на медиумите загрижува, вели Комесарот за човекови праваФотографија: Petr Stojanovski

„Добивме извештаи за засилена поларизација на медиумите во Македонија, што не‘ загрижува. Многу е важно да се има неутрален став од страна на владата во однос на медиумите, да не се фаворизираат некои медиуми кои се лојални на владата, а во исто време да се дискриминираат медиуми кои се сметаат за опозициски во односот кон  властите. Особена одговорност на владата е да избегне создавање ситуација на поларизација во самите медиуми и треба да има конзистентна политика кон сите медиуми. Произлегоа некои предупредувања, некои се содржани во извештаите на ОБСЕ и на Репортери без граници, кои се упатени до Владата за да размисли за нив. Мојата препорака е Владата да направи независен преглед на политиката кон медиумите во Македонија со цел да се обезбедат услови за функционирање на медиумите и да се напреваруваат меѓу себе, но не врз база на политичко фаворизирање или  дискриминација од врвот.“

Хамарберг е убеден дека Владата тоа може да го направи, ако има политичка волја за да се направи:

„Бидејќи силата на демократијата зависи многу од конкурентни медиуми, а медиумите исто така треба да бидат слободни и да критикуваат и да излегуваат со извештаи или коментари кои можеби ги разлутуваат или вознемируваат оние што се на власт. И тоа е демократија. Значи ни‘ требаат независни и критички медиуми во секоја демократија“, вели тој.

Пописот не смее да се политизира

Mazedonien Zensus Statistisches Amt
Пописот да не се политизира, бара ХамарбергФотографија: Petr Stojanovski

Што се однесува до пописот на населението во Македонија, Комесарот за  човекови права на Советот на Европа вели дека е запознат проблемот:

„Морам да кажам дека многу е лошо ако техничка работа, како што е пребројување на луѓето, се исполитизира. Тоа мора да се избегне, особено во земја како што е Македонија, кадешто има големо малцинство и кадешто имаше тензии меѓу ова малцинство и мнозинското население. Ова е навистина тест за зрелоста на македонската демократија да спроведе попис без проблеми.“

Лажните азиланти се комплексно прашање

За проблемот со лажните азиланти и мерките кои ги презеде македонската влада за да го зачува безвизниот режим, за што Хамарберг ја критикуваше и ЕУ и Македонија, тој вели:

Asylsuchende in Belgien
Фотографија: Picture-Alliance /dpa

„Ова е сложено и сериозно прашање. Европската унија е одговорна за тоа. Нo факт е дека тие ја сакаа визната либерализација и истовремено се плашеа од неа. Во ситуација кога има многу ксенофобија и ’антициганизам’ во земјите на ЕУ, тие сега се плашат дека визната либерализација ќе биде искористена од Ромите да заминат во земјите од ЕУ. За тоа се расправа. Но нашиот принцип е дека Ромите треба да бидат како и сите други. Нема луѓе од втора категорија. Не ни‘ се допаѓа спречувањето на Ромите да патуваат. Но друг проблем е тоа што Ромите не се третираат секаде добро и тоа е една од причините што тие сакаат да најдат можност за подобар живот на друго место.“

Конкретно за положбата на Ромите во Македонија, Хамарберг вели дека тој и неговото биро покренаа некои прашања што се однесуваат на Ромите дојдени од Косово, при што тој препорача Македонија да преземе чекори да ги натурализира и тие да станат граѓани на Македонија.

Потребно е да се почитуваат одлуките на судот

Во однос на положбата на македонското малцинство во соседните земји, како Бугарија и Грција, Хамарберг вели дека ова прашање секогаш го вклучувал во неговите извештаи. Тој притоа жали и што не се спроведуваат одлуките на Судот од Стразбур, но смета дека не треба да има друг механизам за да се натераат овие земји да ги почитуваат одлуките на Судот:

Mazedonier aus Bulgarien protestieren in Straßburg
Протести на Македонци од Бугарија во Стразбур (архива)Фотографија: DW

„Не е неопходно да има друг механизам, дури не треба да има потреба ни од судски процеси, туку едноставно да се прифати регистрирањето на овие организации. Во случајот со Грција едноставно не се почитуваат одлуките на Судот во Стразбур.“

Жално е што нема решение за името

На прашањето што тој мисли за проблемот со името на Македонија и дебатата која се води околу ова, Хамарберг одговара дека кога Македонија ќе влезе во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде таму.

„Неколку пати бев запрашан за мојот став околу името на земјата. Но одлучив да не го кажувам јавно, бидејќи во основа тоа е политичко прашање. Мислам дека е исклучително ’жално’ што се‘ уште нема решение, но слушам дека има дипломатски напори за негово решавање. Но, тоа е надвор од мојот мандат. Кога еден ден Македонија ќе влезе во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде таму“, убеден е Томас Хамарберг.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема