1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамбургер во топ-форма, Баерн и Шалке уште не се на ниво на амбициите

20 јули 2009

Германските фудбалски клубови се во клучната фаза од подготовките, оти првенството почнува по неполни три недели. Фаворитите се’ уште не ја достигнаа натпреварувачката форма.

https://p.dw.com/p/It7H
Подготвителен натпревар на ХамбургерФотографија: picture-alliance / M.i.S.-Sportpressefoto

Погледот врз настаните од фудбалот прво го задржуваме врз она што претстои: вечер германскиот првак Волфсбург се среќава со победникот на купот Вердер од Бремен во националниот супер-куп. Во прашање е, значи, првата - иако неофицијална титула во новата фудбалска сезона. Многу поважна е, се разбира, шампионската титула од новото првенство, и за неа, како и за местата што водат кон европската сцена или за да се избегнат оние што водат во Втората лига, екипите интензивно се подготвуваат. Со оглед дека стартот се наближува - нема ни цели три недели до тогаш, се играат многу пријателски натпревари. Бајерн и Шалке не успеаја да бидат на ниво на амбициите, непријатни порази доживеаја Ајнтрахт и Мајнц. Вердер, Борусија Менхенгладбах и Фрајбург мораат да ги менуваат плановите, оти предвидените средби им отпаднаа поради невремето.


Хамбургер доминантен во Гелзенкирхен


На турнирот во Гелзенкирхен, на кој се играше скратено два пати по 30 минути, Баерн со новиот тренер Луј ван Хал загуби од Хамбургер со 1 спрема 0, а домаќинот Шалке, предводен од новиот тренер Феликс Магат, беше поразен од Штутгарт со истиот резултат. Потоа, во меѓусебниот дуел за третото место, Бајерн го совлада Шалке со 2 спрема 1. Хамбургер е победник на турнирот - во финалето го победи Штутгарт со 3 спрема 0.

Berkan Göktan 1860 München Fussball
Фотографија: picture-alliance/dpa

И Ајнтрахт од Франкфурт влегува во новата сезона со нов тренер - Михаел Скибе, како и со повеќе млади играчи. Тестот против романската екипа Тимисоара беше неуспешен - Ајнтрахт е поразен со 3 спрема 0. Мајнц, пак, загуби од третолигашот Вакер од Бургхаузен и тоа убедливо - со 4 спрема 1.

Бохум останува непоразен во фазата на подготовките, и одигра нерешено 3 спрема 3 со Олимпијакос од Пиреја, освојувач на двојната круна од купот и првенството на Грција. Хофенхајм го совлада Панатинаикос од Атина со 1 спрема 0. Херта од Берлин беше поуспешна од турската екипа Бурсаспор и победи со 2 спрема 1. Нирнберг одигра нерешено 3 спрема 3 со Фенербахче.


Манише ќе го засили Келн


Од фудбалот и информацијата дека прволигашот Келн ќе го ангажира 52-кратниот португалски репрезентативец Манише. Постигната е согласност со 31-годишниот играч од средината на теренот, услов е само тој да ги помине здравствените тестови, кои се во тек. Манише има настапувано за Порто, со кого ги освои Лигата на шампионите и Купот на УЕФА, потоа за Бенфика, Интер и Челзи, а последна станица му беше Атлетико Мадрид.

Келн, како што е познато, си го врати во своите редови и „принц Полди“ - репрезентативецот Лукас Подолски, по неговиот неуспешен престој во Бајерн Минхен.

Автор: ЗЈ/СН/дпа/сид

Редактор: Александра Трајковска