Хамбургер се квалификува за Лигата на шампионите
23 август 2006Хамбургер на гостувањето во шпанскиот град Памплона одигра нерешено 1 спрема 1 со Осасуна. Средбата започна лошо за гостите од Германија – веќе во 6-тата минута Осасуна поведе со голот на Куелјар. Израмнувањето дојде дури во 74-тата минута, а стрелец беше де Јонг. Првата средба заврши без голови 0 спрема 0, па на Хамбургер тоа му беше доволно за пласман во Лигата на шампионите, што однапред му гарантира приходи од најмалку 8 милиони евра.
„Една година многу напорно работевме во Бундеслигата за да се квалификуваме за Лигата на шампионите. За нашиот клуб, за моите играчи е извонредно важно што сега ќе можат да ги одмеруваат силите со најдобрите во европскиот клупски фудбал. Ова е мнопгу голем момент за мојот клуб“ – изјави тренерот на Хамбургер Томас Дол.
За фудбалската Лига на шампионите синоќа се квалификуваа и Бенфика Лисабон со победата над Австрија од Виена со 3 спрема 0, Валенсија, која со истиот резултат го совлада Салцбург, Милан, кој на гости во Белград ја победи Црвена Звезда со 2 спрема 1, и Ливерпул, кому, како и на Хамбургер, му беше доволен нерешениот резултат од 1 спрема 1 на гости кај Макаби од Хаифа.
Денеска се играат преостанатите квалификациони средби. Во Скопје македонскиот претставник Работнички има тешко решлива задача по поразот на гостувањето кај францускиот претставник Лил со 3 спрема 0. Поразените екипи од квалификациите ќе учествуваат во купот на УЕФА. Попладне во Монако ќе биде извлечен составот на групите за Лигата на шампионите.