1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос во заборавената земја

17 јануари 2010

Сиромаштија, диктатури, анархија, тропски олуји, состојбата на Хаити беше неподнослива уште долго пред земјотресот. Светската заедница тој факт, сепак, не ја интересираше, пишува во следниот коментар Ина Ротшелд.

https://p.dw.com/p/LY4C

Хаити веќе со децении е заборавена земја. Таму нема важни суровини, некој позначаен пазар или стратешки интерес, но затоа има многу сиромашни луѓе и полно катастрофи. На пример, цела низа крвави диктатури, од кои последната заврши во 2004 година, кога поранешниот претседател Жан Бертран Аристид побегна во странство, а во Хаити остави хаос и анархија. Во 2008-та, Хаити повторно се најде на насловните страници на светскиот печат. Причина беа тропски олуји, стотиците човечки жртви и големата глад. Многу брзо, светот заборави на овие проблеми на островската држава.

Светската заедница ја дели одговорноста за катастрофалните последици од земјотресот. Хаити едноставно не беше подготвено за катаклизма од вакви димензии. Медицинската помош и пред катастрофата беше, благо речено, слаба, а истото важи и за снабденоста со вода и храна. Доколку некој на лице место видел како изгледаа сиромашните куќарки во делови од Порт-о-Пренс, и без завршен архитектонски факултет ќе заклучеше дека тие колиби нема да издржат ниту најмало движење на земјата.

На Хаити му е потребна долгорочна помош

Но, светот не гледаше, ниту сакаше да гледа што се случува на Хаити. Со ретки исклучоци на одредени хуманитарни организации, Хаити беше препуштен сам на себе, со сите проблеми и политичка нестабилност. Дури ни трупите на ОН не можеа ништо да променат во состојбата на целосна анархија. На Хаити со години доминираат вооружени банди, кои ги контролираат градските квартови и водат борба околу контролата врз „пазарот“.

Обединетите нации се обидоа во земјата да обезбедат барем минимум демократски поредок и тој придонес не треба да се занемари. Но, ОН не се тие кои отвораат нови работни места, ниту ги хранат гладните, не инвестираат во развојот на земјата, и не се борат против корупцијата...

Донаторските конференции, кои се одржуваа во изминатите години, како знаци на солидарност, повеќе делуваа како доказ за беспомошноста на меѓународната заедница. На последната таква конференција во 2009 година, 30 држави се договорија да испратат помош на Хаити во вредност од 300 милиони долари. За споредба, Американците за спас на своите банки издвоија 700 милијарди долари.

На Хаити му е потребна долгорочна помош и интерес на меѓународната јавност за тамошните случувања и откако вестите за последиците од катастрофата повеќе нема да бидат на насловните страници. Помошта за жртвите од земјотресот мора да се претвори во програма за целосна обнова. На Хаити не му е потребна помош во наредните недела-две, туку во наредните 10-20 години. Светот повеќе не смее да го заборави Хаити!

Автор: Ина Ротшелд

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска