1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауард и Обама се критикуваат за Ирак

12 февруари 2007

Австралискиот премиер Џон Хауард и демократскиот кандидат за американски претседател, Барак Обама влегоа во вербален конфликт околу политиката кон Ирак. Двајцата не штедат на критики.

https://p.dw.com/p/AdtR
Џон Хауард
Џон ХауардФотографија: AP

Повлекување на коалиционите трупи од Ирак би било катастрофа за целиот Блиски Исток, смета австралискиот премиер Џон Хауард. Ова е реакција на изјавата на американскиот сенатор, Барак Обама, дека кризата во Ирак треба да се реши со повлекување на странските трупи од таа земја. Хауард во обраќање на австралиската телевизија оцени:

„Мислам дека греши. Ако би ја водел јас Ал Каеда во Ирак ќе се молам во март 2008, да победи не само Обама туку и демократите“.

За Обама кој во саботата свечено ја објави кандидатурата за претседател на САД во рамките на демократската партија, изјавите на Хауард му се комплименти.

„Му ласка на човек кога знае дека еден од најголемте сојузници на Џорџ Буш од другата страна на светот почна да ме напаѓа веќе следниот ден откако ја објавив кандидатурата. Затоа го сфаќам ова како комплимент, но сакам да нагласам дека разузнавачките служби на Џорџ Буш велат дека ситуацијата во Ирак е влошена поради нашите акции во таа земја. Но, можеби господин Хауард се сомнева во нашите служби или има подобри разузнавачки информации“, возврати Обама.

Австралискиот премиер Хауард кој е конзервативец и личен пријател на американскиот претседател Џорџ Буш, сака годинава, по петти пат да се кандидира за премиер. Но, последните анкети во земјата покажуваат дека Австралијанците се се помалку задоволни од неговото одбивање да одреди рок за повлекување на австралиските трупи од Ирак.