1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит бара и официјално двојазичност во Македонија

ЖА/миа20 јануари 2014

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), попладнево во Брисел ќе го има второто разгледување на предлог-резолуцијата за Македонија, пред утрешното официјално гласање.

https://p.dw.com/p/1Atlz
Фотографија: Getty Images

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во компромисните амандани што денеска ги понуди известувачот Ричард Хауит, придавката „македонски” се враќа во однос на „македонските граѓани”, но загрижува тоа што во голем дел британскиот европратеник ги прифатил анти-македонските грчко-бугарски иницијативи, додека про-македонските предлози се речиси исфрлени. Притоа, Хауит бара и официјално двојазичност во Македонија!

Попладнево на АФЕТ, европратениците наместо за вкупно 170-те амадмани поднесени на 13 декември минатата година, ќе гласаат за 17 компромисни амандмани предложени од Хауит и четири амандмани што ќе бидат претставени на самата расправа.

„Хоризонталната процедура на амандманот има само една референца ’ПЈР Македонија’ и една референца ’македонски’, додека сите други имиња и придавки во продолжение на текстот на резолуцијата ќе бидат во стилот на ’таа земја, оваа земја’, се наведува во првиот амандман од страна на Хауит.

Она што загрижува е што во вториот амандман, а во однос на параграф 1а, Хауит предлага целосно нова реченица, каде се релативизира повикот од Европарламентот до грчкото претседателство со Унијата во овие шест месеци да овозможи напредок на Македонија во евроинтеграциите. Па, така, сега само се наведува „грчкото претседателство да ја искористи позитивната динамика на лидерството за да развие нови иницијативи за надминување на ќор-сокакот во преговорите и да се дојде до решение”. Но, затоа, пак, во истиот амандман се охрабрува Македонија „да ги консолидира реформите и обратните политики и практики што може да бидат пречка за нејзината европска иднина”, па е наведено дека преговорите со ЕУ може да бидат позитивен чекор кон решавање на „тековните расправии со соседите”.

Она што е опасно, е што во третиот компромисен амандман, а кој се однесува на параграф 4 од предлог-резолуцијата, се наведува дека „во согласност со ЕУ- процедурите, новите членки ќе бидат примени само кога тие ќе ги исполнат сите барања”, а притоа се споменува и исполнување на Копенхашки критериуми што е всушност грчкото објаснување зошто Македонија не почнува преговори, а не блокадата поради името.

На Македонија, исто така, не ѝ одговара ниту компромисниот амандман 4 во однос на параграф 5а, каде сега има целосно нов предлог.

„ЕП нагласува дека добрососедските односи се суштински столб на процесот на пристапување на земјата во ЕУ. ЕП ја повторува својата позиција дека билатералните прашања треба да се решат што е можно порано во процесот на пристапување, во конструктивен и добрососедски дух и по можност пред отворањето на пристапните преговори. ЕП потсетува дека треба да се избегнуваат гестови, акции и изјави кои негативно може да влијаат врз добрососедските односи и бара поконкретни резултати во соработката со цел да се воспостават добри меѓусоседски односи на три страни: Атина, Софија и Скопје, се вели во овој нов амандман со што сега целосно се прифаќа барањето на Грција дека отворените прашања треба да бидат решени пред почетокот на преговорите, а не како што досега беше „пред приемот на земјата во ЕУ”.

Europaparlament Brüssel
Фотографија: Tihana Lohinski

Во шестиот компромисен амандман, Хауит покрај почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и Времената спогодба, сега додава и дека: „раководството на земјата и на ЕУ постојано да ѝ објаснуваат на јавноста за придобивките од решението за името пред истото да го стават на референдум”.

А, со компромисниот амандман број осум, Хауит ги прифаќа бугарските позиции дека „историските аргументи во дебатата со соседите се загрижувачки”, па се бара слободно изразување на националноста на граѓаните во Македонија, што е по иницијатива на Бугарите дека некој „го попречува нивното малцинство слободно да се изразува во земјата”.

Во 11-тиот компромисен амандман, во однос на параграф 13 од резолуцијата, се поздравува напредокот во процесот на интеграција во ЕУ на другите земји во регионот, но се забележува дека „ЕП е загрижен дека понатамошното одложување на отворањето на пристапните преговори би можело да создаде неразумен диспаритет во регионот, што би можело да претставува дополнителен ризик за добрите меѓуетнички односи и чувство кај сите македонски граѓани дека се оставени назад. ЕП ги осудува сите видови на ултранационализам во земјата и повикува на анти-дискриминациски политики и толеранција во општеството, без оглед на верата, етникумот или јазикот“.

Клучно и крајно, Хауит во 12-тиот компромисен амандман во однос на параграф 14 на Резолуцијата, жали што поголем напредок сѐ уште не бил постигнат во однос на интегрираното образование и дека средствата не биле наменети за имплементација на Стратегијата за интегрирано образование. Притоа, по бришењето на „македонски јазик” од првичниот предлог, дека сѐ помалку Албанци го изучуваат, Хауит сега предлага:

„ЕП изразува загриженост дека помалку млади луѓе се чини дека го изучуваат јазикот на другиот и бара акција на ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст. Во исто време се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавните живот и официјални акти“.

Доколку сите овие компромисни амандмани, по попладневната расправа и утрешното гласање, АФЕТ, а потоа и Европскиот парламент во февруари ги усвојат во Резолуцијата на законодавнито дом на ЕУ, тогаш ќе стане и официјално барањето од Брисел за двојазичнст во Македонија, но и дополнително условување со грчко- бугарските барања, а релативизирање на реформите на државата нотирани во извештаите на Европската комисија.