1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Македонија може да очекува препорака за старт на преговорите

АТ/ миа20 март 2013

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричарт Хауит со оптимистичка најава дека Македонија ќе добие уште една позитивна Резолуција од Европскиот парламент за почеток на преговорите со Европската унија.

https://p.dw.com/p/180dO
Фотографија: Getty Images

„Имаме политички договор меѓу сите главни партии во Европскиот парламент за компромис-амадмани за се’ освен за една точка, а тоа е нешто што се менува многу брзо и за што постојано ни треба ажурирање“, ова во разговор со дописникот на агенцијата МИА од Брисел го потенцира известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит, во однос на претстојното гласање за Резолуцијата за земјата закажано за 8 април.

Според Хауит, од 203 амадмани поднесени главно од грчки и бугарски европратеници, сега има десетина споени, кои за две и пол недели Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) ќе ги гласа на попладневната седница.

Британскиот пратеник во Европарламентот одбива да каже околу која точка не може да се најде договор, но потенцира дека не станува збор за некаква крупнаполитичка точка, туку, дека „сакаме да користиме базичен јазик што беше пример пред Божик“, вели тој.

„Во секој случај, најважно е што нема некое крупно политичко несогласување меѓу мене како известувач и известувачите во сенка кои се претставници на сите политички партии во Европарламентот“, вели Хауит.

Во врска со договорот, кој го посредуваа тој и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, како и неговиот колега Јержи Бузек, Хауит потенцира оти е убеден дека на Комитетот за надворешни работи ќе се најде консензус за амадманот во однос на ова политичко помирување да биде во позитивна и конструктивна рамка, за што Британецот вели дека самиот се обврзал при последната посета на Скопје. За тоа дали ќе има негативни критики за Македонија во резолуцијата на ЕП, Хауит вели дека извештајот на ЕП за секоја земја што пристапува кон Европската унија содржи и конструктивна критика.

„Мојот извештај ќе биде сличен и на претходните, но критиката е во насока на вистинското пријателство со земјата и вистинска мотивација да се придвижи на патот кон Унијата. Ништо повеќе, ништо помалку“, дециден е пратеникот од редовите на социјал-демократите.

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

Според Хауит, може да се очекува уште една препорака од Европарламентот до Европскиот совет за неодложен почеток на пристапните преговори со Македонија. „Распоредот за гласање на резолуцијата го поставивме да биде пред Специјалниот извештај на Европската комисија (кој ќе биде објавен на 16. април), иако се однесува на прогрес-извештајот на Комисијата од октомври, минатата година и се надевам дека тој, заедно со извештајот на ЕК ќе донесе до позитивна одлука и на Самитот на Европскиот совет во јуни оваа година. Тоа останува моја посветеност“, вели тој.

Известувачот за Македонија во ЕП потврдува и дека придавката „македонски“ ќе се најде во оваа резолуција, но само еднаш. „Оваа година сме на иста позиција како и лани, а тоа е дека се договоривме во ЕП да го користиме името на државата според договорот во Обединетите нации и тоа мора така да го правиме оти имаме правна обврска. Но, јас продолжувам и да го користам зборот ’македонски’, како и лани, и сега ќе има една референца со оваа придавка со која сакаме да им покажеме на луѓето од оваа земја дека ние ја признаваме таа супстанца во овој момент. Но, ги исклучив сите други референци кои се однесуваат на името што е моја нормална пракса оти сакам Европарламентот навистина да помогне и да биде конструктивен со својата резолуција, што се прифаќа во вашата земја, но и во Европа и верувам дека тоа е начинот на кој го постигнувам тоа“, вели Хауит.

За тоа дали се предлага нешто друго во резолуцијата во однос на решавањето на наметнатиот спор за името со Грција, оти претходно се бараше ЕУ да се вклучи подлабоко во овој процес, дури и заедно со ОН да биде олеснувач и дали има сигнали од различни страни во Унијата кои бараат ЕУ повеќе да се вклучи во решавањето на овој наметнат проблем, Хауит со одговор:

„Го видовме предлогот на комесарот Филе во последниот Извештај на Комисијата за вашата земја во кој предлага да започнат пристапните преговори, со тоа што прашањето за името ќе се решава во раната фаза од преговорите. Филе е еврокомесар, а тој ја претставува Унијата, што значи дека на некој начин ние веќе предлагаме и поголема улога на ЕУ во овој процес. Јас го поддржувам него за овој предлог, за кој и дискутиравме пред Комисијата да го предложи во прогрес-извештајот. Тој превзема и интензивни дипломатски активности во оваа насока, како и за решение на отвореното билатерално прашање со Софија“, потенцира Хауит.

Хауит вели и дека ќе има една референца за последните етнички инциденти во Македонија, со која ЕП ќе ги охрабри страните да креираат добри меѓуетничка односи. Тој потврдува дека во ЕУ се добро запознаени со овие инциденти и нема да ги осудуваат оти тоа би било погрешно. „Правилно за нас е да упатиме апел за нормализација на меѓуетничките односи во земјата и да дадеме поддршка на сите што се борат за ова“, вели Хауит.

Гласањето за Резолуцијата за Македонија на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парлемент е закажано за 8. април.