1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Нема да дозволиме инцидентот да ја попречи ЕУ интеграцијата на Македонија

Тони Гламчевски 20 април 2012

Европските пратеници со големо внимание ја следат ситуацијата во Македонија по серијата инциденти, кои кулминираа со убиството на пет лица во Смилковци. Тие повикуваат на брзо разјаснување на злосторството.

https://p.dw.com/p/14iNO
Фотографија: picture alliance/dpa

Први на настанот реагираа словенечките европратеници Тања Фајон и Јелко Кацин, кои со писмени изјави го осудија злосторството, барајќи негово расчистување. Во разговорот со Тања Фајон во Стразбур, таа за Дојче веле уште еднаш ги повика граѓаните на Македонија да останат смирени и да се воздржат од евентуално етничко насилство и инциденти.

„Тоа е многу важно, исто како што е важно да се најдат сторителите на убиствата и да се делува смирено и мудро. Апелирам до властите во Скопје да направат се’ што е во нивна моќ, за да се осигура безбедна средина за сите граѓани на нивната земја, и за да се врати веднаш мирот во земјата“, рече за ДВ словенечката европратеничка од редовите на социјалистите, додавајќи дека таа со немилиот настан ги запознала своите колеги од Европскиот парламент.

Ttanja Fajon
Тања ФајонФотографија: DW

Хауит бара одговорните да се изведат пред лицето на правдата

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит во изјавата за Дојче веле рече дека за немилиот настан разговарал со македонскиот министер за надворешни работи. Хауит исто така бара одговорните за убиството да бидат пронајдени и „соодветно казнети и дека во овие околности ќе се почитува и спроведува правото, без разлика на нивниот идентитет или етничка припадност“.

Британскиот европратеник смета дека овој „трагичен инцидент, во вакви околности, може да има дестабилизирачко влијание и да доведе до ново насилство. Но, важно е политичарите и силите на редот да ја одиграат нивната улога“.

Хауит посебно нагласува дека вакви видови на насилство не се случуваат само во Македонија, туку и во другите европски земји.

На нашето прашање дали тоа може да се одрази на процесот на европската интеграција на земјата, Хауит вели: „Се разбира дека има лица, кои ќе сакаат да го искористат овој настан, за да аргументираат, дека не е добар момент за земјата да влезе во ЕУ и да направат пречка на овој процес. Но, ние нема да дозволиме да се злоупотреби оваа ситуација и да се користат тие аргументи“.

Македонските политичари реагираа соодветно

Германскиот европратеник и голем пријател на Македонија од редовите на Народните партии Бернд Поселт смета дека ситуацијата во Македонија е „драматична“ и дека е потребно да се направат конструктивни активности кои ќе доведат до меѓусебна доверба.

Bernd Posselt / Europaparlament / EU-Parlament / Straßburg
Бернд ПоселтФотографија: bernd-posselt.de

„Тоа е многу важно“, вели Поселт и додава: „Ние сме многу задоволни по изјавите на македонскиот претседател и премиер, исто како и на премиерот на Косово Тачи во однос на настаните. Мислам дека е потребно да се развијат активности на доверба, тоа е многу важно, бидејќи ескалација на ситуацијата би била само прилика за екстремистите да создадат проблеми“.

Јелко Кацин на тоа се надоврзува во изјавата за Дојче веле дека ова „страшно злосторство, предизвика шок не само за Македонија, туку и за целиот Западен Балкан и за Европската унија“. 

Според Кацин, потребно е органите на истрагата да направат се’ што можат, за виновниците да бидат идентификувани колку што е можно побрзо.

Jelko Kacin
Јелко КацинФотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

„Тоа не се Албанци, ниту Македонци, ниту Роми, тоа се луѓе со име и презиме. Такво грозно злосторство има и име и презиме и затоа треба да се идентификуваат, да се уапсат и спроведат пред судот оние кои се одговорни и кои го направија тоа злосторство“.

На Македонија и е потребно членството во НАТО

Словенечкиот европратеник од редовите на либералите смета дека ситуацијата во Македонија е полна со емоции, кои се собираат со години.

„Затоа мислам дека македонското раководство треба да го направи својот дел од работата за да се надмине таквата ситуација. Тука е потребен вентил. Пробивот во евроатлантските интеграции според моите убедувања би било најсоодветното нешто“, вели тој и додава „На Македонија во моментов пред се’ и треба членство во НАТО, што ќе и донесе безбедносни гаранции, а со самото тоа и голем дел од тие големи фрустрации и трауми, митологии и стравувања ќе исчезнат“.

Според Кацин, „Македонското раководство мора да направи чекор кон историскиот компромис, кој би ја одмрзнал ситуацијата во која се наоѓа Македонија со години“.