1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херитиџ: Македонија во НАТО на следниот самит

ЖА/миа27 јули 2012

На конференција на американската фондација Херитиџ во Вашингтон експертите оценија дека Македонија ќе стане членка на следниот самит на НАТО.

https://p.dw.com/p/15fCz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Експертите на американската фондација Херитиџ, која во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго беше една од најактивните за поддршката на македонското членство, оценија дека Македонија ќе стане членка на следниот самит на НАТО.

„Многу беше разочарувачки што Македонија не го доби своето тешко заработено членство во НАТО на самитот во Чикаго. Да бидеме искрени, Грците имаат поважни работи за кои треба да се грижат од името на Република Македонија. Ова прашање е единственото нешто што го попречува членството на Македонија во НАТО, и Грците кои сега се зависни од милоста на Европа, би требало и самите да ги поддржат своите соседи. Државниот секретар Хилари Клинтон изрази надеж дека Чикаго ќе биде последен самит на НАТО без проширување. Лично, јас сметам дека Македонија би требала да стане членка на НАТО уште утре, но реално, тоа најверојатно ќе се случи веќе на следниот самит на НАТО“, изјави аналитичарот Лук Кофи, кој пред самитот во Чикаго беше коавтор на труд на Херитиџ со кој повика Македонија да добие покана за членство.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Сметаме дека самитот во Чикаго требаше да биде самит за проширување. На крајот, тој се сведе на самит за спроведување на претходно донесените одлуки од Лисабон. Но, со нашите иницијативи, со нашите средби на Капитол Хил, во Стејт департментот, во секретаријатот за одбрана, работевме проширувањето на НАТО да остане актуелно како тема за следниот самит“, додава Џо Фоли, кој ги промовира ставовите на повеќе балкански држави во Вашингтон.

Балканот-позитивен пример

Фондацијата Херитиџ е еден од водечките аналитички центри на американската десница, главно активен во прашањата на безбедноста и економските слободи. Џејмс Дин, заменик директор на програмата за владини истражувања на Херитиџ, оцени дека земјите од регионот на Балканот меѓу кои и Македонија се позитивен пример токму во областа на спроведените реформи и привлекувањето на странски инвестиции.

„Во моментов, во оваа светска економска клима, инвеститорите бараат добри места каде би ги вложиле своите пари, бидејќи гледаме дека многу места веќе не се поволни за инвестирање. Во изминатите десет години многу од државите од Југоисточна Европа постигнаа извонреден напредок во економските слободи. Земји како Хрватска, Македонија, Бугарија, Србија направија многу забележителен напредок. Веруваме дека има многу добри вести од Балканот за инвеститорите“, изјави Дин, кој додаде дека фондацијата Херитиџ ја промовира потреба да се воведе и процес на визно олеснување за земјите од регионот, со кое граѓаните би можеле да престојуваат до 90 дена во САД, без претходно да извадат виза.

Херитиџ организираше средба на коалицијата за Jугоисточна Европа, која ги поврзува дијаспорите на повеќе балкански држави во Соединетите Американски Држави, меѓу кои и Обединетата македонска дијаспора, од каде најавија заеднички бизнис форум за целиот регион, кој ќе се организира во САД.