1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Херитиџ“: САД да извршат притисок врз Грција за решение на спорот за името

ЕМФ/ЖА/www.heritage.org/миа20 март 2012

Администрацијата на Обама на самитот на НАТО во Чикаго треба да бара на агендата да биде ставено прашањето на проширување, вклучувајќи полноправно членство на Македонија, оценуваат аналитичари на „Херитиџ“.

https://p.dw.com/p/14NkW
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Во анализата на Морган Роуч и Лук Кофи околу проширувањето на НАТО и претстојниот самит на Алијансата во Чикаго, се констатира дека американскиот претседател Барак Обама досега сторил малку во насока на поддршка на кандидатите кои се квалификувани за членство во НАТО. Затоа од него се бара на агендата на самитот во Чикаго тоа да биде корегирано. САД треба да преземат чекори кои ќе значат осигурување дека политиката на НАТО на отворени врати не е потисната во втор план, се вели во анализата.

„Политиката на отворени врати на НАТО е клучна за мобилизација на Европа и нејзините сојузници околу колективната трансатлантска безбедност. Според членот 10 од Северноатлантскиот договор, секоја европска земја што ќе ги исполни условите може да стане членка, а САД треба да преземат чекори за да ја потврдат таквата политика“, оценуваат аналитичарите Роуч и Кофи.

Во анализата се потсетува дека и покрај исполнетите критериуми Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008. година беше спречена да и‘ се приклучи на Алијансата поради ветото од Грција. Атина со тоа го прекрши правилото на НАТО, билатералните спорови да не го попречуваат членството на земјите-кандидати. Тоа, се вели натаму во анализата, беше потврдено и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но и покрај тоа статусот на Македонија останува непроменет.

„Македонија нема моќ да ја принуди Грција да дојде на преговарачка маса. Грција е членка на НАТО, а актуелната политика на Атина е во правец на одложување на преговарачкиот процес. Барањата од Скопје до грчката Влада да се најде решение, во Атина се ставаат на страна, а вниманието е насочено само кон надминувањето на финансиската криза и економскиот колапс во кој западна грчката економија. Сепак, тоа не смее да биде оправдување бидејќи Грција ја загрозува политиката на отворени врати на НАТО и треба да се принуди да работи со Македонија на помирување и изнаоѓање решение“, сметаат  аналитичарите од Фондацијата „Херитиџ“, МорганРоуч и Лук Кофи.