1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херман Хесе- омилен и непризнат

Лаура Деинг/Симе Недевски/дпа9 август 2012

Нобеловиот лауреат за литература Херман Хесе почина на денешен ден (9. август) пред 50 години. Тој се вбројува во најпопуларните писатели на германски јазик ширум светот и покрај тоа што долго време важел за „отпишан“.

https://p.dw.com/p/15mBn

Кога сакаат да истакнат, колку некое нешто станало безвредно, Германците радо посегнуваат по омилениот збор - Blumentopf односно саксија. Така ценетиот германски неделник „Цајт“ („Време“) во 1962. година напиша: „Со Херман Хесе не може повеќе да се добие ни ’саксија’“. Тогаш Хесе само што беше починал од мозочен удар на 85-годишна возраст. Но самото време ги казни лагите на „Време“. Во меѓувреме Хесе стои на голем број регали со книги. Ширум светот се продадени најмалку 125 милиони примероци од неговите дела. Книгите на Хесе се преведени на речиси 60 јазици.

Писател или ништо

Херман Хесе е роден во 1877. година во местото Калв во близина на Штутгарт и уште како дете знаел дека единствено нешто што посакува е да стане писател односно поет. Помалку бунтовен, полн со соништа и идеи, во потрага по својот идентитет, сите свои чувства Хесе подоцна ги пренел во сопствените дела. Неговиот роман „Петар Каманцид“ му ги отворил вратите во книжевниот свет, а популарност постигнува со романите „Сидарта“ и „Демјан“. По распадот на неговиот прв брак и за време на психичката криза во која западнал настануваат и неговите најпознати дела „Нарцис и Златоустиот“ и „Степскиот волк“. Во голем период од творењето Хесе не бил ценет во книжевните кругови. Голем број книжевници го сметале за „голем писател со мал стил“ . Но публиката е таа која во случајот на Хесе го има последниот збор . Имено за Време на Втората светска војна неговите книги добиваат на важност поради духовноста, научните и утописките елементи. Романот „Игра со стаклени бисери“ е круна на неговото творештво и главна причина за добивањето на Нобеловата награда за литература во 1946. година.

08.2012 DW Highlights August Hermann Hesse

Светски популарен

Но во 1962. година кога Херман Хесе почина во својата куќа во швајцарското место Монтањола повторно изгледаше дека популарноста на неговата наградувана литература е распрсната. Критичарите неговите дела ги опишуваа како збирка од кич без ниво. Дури неколку години подоцна хипи-движењето во САД повторно ја поттикна популарноста на неговата литература. „Децата на цвеќето“ повторно се откриваа себе си во психички и емоционално поделените ликови на Хесе на крстопат меѓу егзистенцијата како уметнички индивидуи и припадноста на едно граѓанско, етаблирано општество како Хери Халер, ликот од романот „Степскиот волк“. Оваа книга на Хесе повторно стана бестселер. Хесе-бумот конечно од САД се префрли низ целиот свет и не попушта до денес.

Hermann Hesse lesend
Фотографија: Gret Widmann/gemeinfrei

За неговата популарнсот говори и фактот дека високотиражниот германски неделник „Шпигел“ неделава ги остави настрана сите горливи општествени и политички сцени и на насловната страна по повод 50-годишнината од неговата смрт стави фотографија на Херман Хесе.

Издавачката куќа Зуркамп, која ги има правата за издавање на голем дел од делата на Хесе во 2005. година во зајадливо осврнување на некрологот на неделникот „Цајт“ од 1962. година порача: „Со ниту еден друг писател издавачот Зуркамп нема освоено повеќе ’саксии’ отколку со Херман Хесе“.