1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херојот на Берлинскиот воздушен мост

Мари Тодескино / дв / Марта Таневска18 јули 2013

За време на Берлинскиот воздушен мост, американски пилот фрлал бонбони од неговиот авион за децата во Западен Берлин. Оттогаш, децата го почитуваат поради неговото дело. Дојче Веле се запозна со „бомбашот на бонбони“.

https://p.dw.com/p/19A5X
Фотографија: DW/M. Todeskino

Летото 1948 година, младиот американски пилот Гејл С. Халворсен претрчуваше преку пистата за слетување на аеродромот Темпелхоф во Западен Берлин. Триесет деца стоеја зад бодликавата жица.

„Дај ми чоколадо“, му побараа на 27-годишниот пилот. „Тие не молеа, тие само бараа чоколадо“, се сеќава тој. Но пилотот имал само две гуми за џвакање во неговиот џеб. „Две! За триесет деца!“.

Тој ги поделил гумите за џвакање на четири парчиња и ги разделил на децата. На негово изненадување немало турканици. „Тие беа изненадени од самиот мирис на пакувањата и ги скрија во нивните раце за да ги однесат дома. Тогаш знаев дека треба да направам повеќе“.

Советските трупи го заобиколија Западен Берлин

Ситуацијата во поделениот Берлин беше напната. Само неколку недели претходно, Советската армија го затвори западниот дел од градот.

Bildergalerie 65. Jahrestag Luftbrücke Berlin
Гејл Халворсен покажува како ги доставувал „слатките“ бомбиФотографија: picture-alliance/dpa

По воведувањето на новата валута, остмарк, тие се надеваа дека ќе успеат да ги натераат западните сили да се повлечат.

Камионите, возовите и авионите веќе не можеа да влезат во Западен Берлин. Околу 2,2 милиони луѓе беа отсечени од основните потреби, вклучувајќи ја набавката на храна и јаглен.

Но, сојузничките сили не ги оставија на цедило. Берлинскиот воздушен мост набрзо ќе стане најголемата хуманитарна мисија остварена некогаш.

Дневно, стотици американски и британски авиони прелетуваа како стрела преку небото, носејќи залихи храна до аеродромот Темпелхоф. Тие ќе останат запаметени во историјата како „бомбашите со бонбони“.

Да се исполни ветувањето

Еден од нив беше Гејл Халворсен, кој сега има 92 години. Тој презеде безброј мисии се' до крајот на Берлинската блокада, во мај 1949.

За време на средбите со децата тој им ветил дека ќе се врати наредниот пат со чоколадо. Им велел, дека ќе ги ниша крилата на авионот пред да слета, за децата да го препознаат.

Подоцна, Халворсен собирал чоколада од неговите колеги. „Имав полни раце чоколада“, се сеќава.

На 18 јули 1948 година, тој ги видел децата на Темпелхоф и ги нишал крилата како што ветил.

Bildergalerie 65. Jahrestag Luftbrücke Berlin
Децата во Западен Берлин им се радуваат на „бомбашите со бонбони“Фотографија: picture-alliance/dpa

Чоколадата биле пуштени од авионот со цевка преку која пакетите со бонбони се спуштале надолу до земјата со мали бели падобрани. Децата трчале кон пакетите со радост.

Бонбони од ’Чичкото со кривулестите крила’

Од тој ден натаму децата го викале ’Чичко со кривулести крила’. Испораката на „слатките“ бомби станала вообичаена и не поминало долго време пред да дознае печатот.

„На почетокот имаше проблем. Еден новинар снимаше фотографии на кои се гледаше мојот број на авион“, објаснува тој. Голема статија излезе во весник во која Халверсон бил цитиран како командант.

Набрзо, децата во САД почнале да собираат пари за да купат чоколада за Западен Берлин, а и другите американски пилоти почнале да помагаат исто така.

До крајот на Берлинската блокада, тие проследиле 22 тони бонбони до градот, но Трауте Гриер, тогаш 14 години, не добила ниту едно парче. Таа живеела во областа Нојкелн.

Bildergalerie 65. Jahrestag Luftbrücke Berlin
Во 1948-ма Халворсен фрлал бомбони од својот авион Ц-54 на аеродромот ТемпелхофФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

„Кога Гејл Халворсен леташе над нас и фрлаше Херши-чоколада, сите деца брзаа да стигнат до нив. Јас се држев понастрана. Момчињата многу се туркаа“, се присетува таа.

Но Гриер не е тажна поради тоа. „И денес се‘ уште мислам на пилотите, храброста што ја собрале! И се' тоа го направија за нашата слобода“.

Воздушниот мост беше логистички - и човечки- приказ на сила. „Во почетокот летавме и ноќе и дење“, вели Халворсен.

Мисијата не била без опасност: Најмалку 78 луѓе беа убиени во воздушни судири. Британските и американските авиони полетуваа и слетуваа во циклуси од неколку минути.

Берлинскиот воздушен мост беше успех, и на 12 мај 1949, Советскиот Сојуз ја укина блокадата.

Luftbrücke Traute Grier
Трауте Гриер имала само 14 години кога американските пилоти им носеле бонбони на децатаФотографија: DW/M. Todeskino

Од непријатели до пријатели

Берлинскиот воздушен мост исто така ги зближи Американците и Германците - нешто што и денес може да се забележи.

„Нашите непријатели ни станаа пријатели“, вели Трауте Гриер.

Делата на Гејл Халворсен се симбол на прекуокеанското пријателство и кога претседателот Обама држеше говор на Бранденбуршката порта, во јуни годинава, тој лично се обрати до ветеранот кој седеше во публиката.

„Почестени сме со присуството на полковникот Халворсен, сега 92 годишен - вистинскиот ’бомбаш на бонбони’. Многу сме горди на него“, рече Обама. 

Luftbrücke US Pilot Gail S. Halvorsen
Во јули годинава Халворсен го посети музејот, Куќата на германската историја, во Бон, каде што е документиран воздушниот мостФотографија: DW/M. Todeskino

Во 1974, чичкото со кривулести крила беше одликуван со Сојузен крст за заслуги во Берлин, а во јуни годинава средно училиште беше крстено по неговото име, во негова чест.

Гејл Халворсен, кој денес има 5 деца, 24 внуци и 41 правнук, лично присуствуваше на отворањето. Тој сака да доаѓа во Германија, каде се` уште има многу пријатели.

Средбата со децата зад оградата на аеродромот Темпелхоф е се` уште јасна за „бомбашот на бонбони“. „Ако помогнеш некому, тогаш се чувствуваш среќен“, вели тој.