1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290810 Hip Hop Shanghai

14 септември 2010

Хип-хоп претставува една од најуспешните и најраширените младински супкултури во нашето време. На германскиот штанд на Светската изложба Експо во Шангај цел месец мина во знакот на хип-хоп музиката.

https://p.dw.com/p/PAcM
Хип-хоп проект во ШангајФотографија: DW

Звуците на хип-хоп музика го исполнуваат предворјето на германскиот павилјон на Експо 2010 во Шангај. Насобраните млади Кинези неочекувано добро реагираат на германските хип-хоп пејачи и се вклучуваат во песните. Рафаел Шал од Берлин е одушевен од кинеската публика: „Во Берлин е повоздржана атмосферата во споредба со оваа овде. Овде луѓето навистина можеш да ги одушевиш, можеш да се движиш по бината и да се откачиш, а публиката се откачува исто со тебе...“

Shanghai Hip Hop Projekt
Хип-хоп проект во ШангајФотографија: DW

Рафаел Шал е еден од 50-тината германски хип-хоп уметници, кои настапија во германскиот павилјон на Експо и тоа заедно со исто толку кинески млади колеги. Со заеднички сили тие го претворија павилјонот во еден вид лабораторија на урбаната младинска супкултура. Марион Конради, портпарол на германскиот павилјон, објаснува зошто била донесена одлука за ваков вид на презентација на Експо 2010. „Хип-хоп културата е во секој случај култура на младите, која се манифестира силно во големите градови и тоа преку графити на ѕидовите, преку музички перформанси итн. Во нашиот павилјон во Шангај, во ’баланс-сити“ се обидуваме да ја упатиме пораката дека модерниот голем град мора да биде разновиден. Во него треба да има место како за т.н. висока култура, така и за супкултурните движења на младите луѓе.“

Идеалите да не се изгубат

Shanghai Hip Hop Projekt
Хип-хоп проект во ШангајФотографија: DW

Со ваквиот став се сложува и кинеската пејачка Ча-Ча. „Овде можеме да му покажеме на светот што прават денес младите Кинези, тоа е навистина кул...“ Ча-Ча на бината пред германскиот павилјон во Шангај пееше за тоа колку е важно младите да си останат верни на себе и на сопствените идеали и уверувања и да го прават она што ним им се чини важно: И уште нешто ги спојува обожувателите на хип-хоп движењето ширум светот, имено графитите. Во германскиот павилјон има место и за тоа. Во посебен дел од павилјонот младите секојдневно имаа можност да креираат графити и тоа во различни формати. Меѓу другото со спреј прскаа графити и на маички, на ташни и чадори.

За разлика од ваквата креативна слобода во германскиот павилјон на улиците и зданијата на Шангај тукуречи не можат да се најдат графити. Стен Ву е издавач на магазинот „Инвејжен“, специјализиран за графити-културата, кој излегува во Хонг Конг. Тој знае зошто нема повеќе графити на улиците на Шангај: „Прво ги имавме Олимписките игри, па сега дојде Експо во Шангај. Владата и градските власти прават се’ што е во нивна моќ за да ги избришат графитите ширум Кина. Овде владее нулта-толеранција за измачкани фасади, како што тое се нарекува. Затоа во градов не можеш да видиш графити.“

Графитите да останат

Но затоа на крајот на август, како дел од германската културна презентација на Експо 2010, се одржа најголемиот натпревар во цртање графити во цела Азија. Меѓународниот натпревар под името „Вол лордс финале 2010“ беше инициран од германскиот уметник Аким Валта, кој цели 30 години е активно вклучен во сцената на графитите. Тој е и основач на Хип-хоп базата во Берлин, а од хепенингот во Шангај носи многу драги спомени: „Нашите момци насликаа неколку графити посветени на локалното население на Шангај. Тоа беше многу интересно, бидејќи се обидоа да се соживеат со домашните и така една обична, здодевна, сива улица по кусо време заживеа со графити кои беа инспирирани од домашните Кинези. По некое време дојде до несогласувања со локалните власти и графитите требаше да бидат избришани. И тогаш деца и цели семејства застанаа во одбрана на графитите и им порачаа на властите деке на сакаат да им ги избришат графитите. Тие доаѓаат од толку далеку и овие графити ни се подарок од нив, им велеа. Тоа се сега наши слики, не сакаме да ги премачкате.“

Graffiti Gabriel Borrud
Фотографија: DW

Ова не е прв престој на уметникот Аким Валта на Кина, туку тој таму веќе водел неколку слични културни проекти. А се чини дека овој во рамките на германската презентација на Експо 2010 во Шангај нема да биде ни последен: „По Експо соработката нема едноставно да запре, туку ќе ја продолжиме и понатаму“, нагласува Аким Валта од Берлин.

Автор: Матијас фон Хајн/ Горан Чутаонски

Редактор: Александра Трајковска