1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Хитлер и Германците“

15 октомври 2010

Германскиот историски музеј првпат по 1945 година посветува изложба на Хитлер. Поставката насловена „Хитлер и Германците“ ја чинат над 600 експонати и 400 фотографии.

https://p.dw.com/p/PewO
Фотографија: Mary Evans Picture Library

65 години по крајот на Втората светска војна Хитлер и националсоцијализмот остануваат бризантна тема, која редовно завршува со прашањето: Како беше возможно нацистичкиот режим предводен од Хитлер, одговорен за војната, насилството и геноцидот, до крајот да има широка поддршка од германскиот народ?

„Не сакавме да го претставиме Хитлер како личност, туку се обидовме да објасниме како Хитлер израсна од политиката на неговото време исполнето со стравови, кои средства ги користеше и каде сето тоа доведе“, вели директорот на Германскиот историски музеј Ханс Отто Мајер според кого концепциски изложените експонати се во постојан дијалог.

Ausstellung Hitler und die Deutschen Deutsches Historisches Museum
На ваков плакат осамна Хитлер во екот на војната со Советскиот СојузФотографија: DW

Без „личен” профил на диктаторот

„Изложбата има вкупно осум поглавја. Има мал пролог за времето од 1919 до 1933 година. Главниот дел е од 1933 до 1945-та и епилог: како Германците по крајот на војната се справуваа со Хитлер и времето на нацизмот”, објаснува кураторот Симоне Ерпел.

Посетителите ги дочекуваат три фото-портрети: Хитлер како партиски агитатор, како државник и фотомонтажа како мртовечка глава. На ѕидот се проектираат фотографии од невработени, од обожавателите кои го величаат Фирерот, од војници со што интенција била лично Хитлер да не се презентира туку само во социјалниот, политичкиот и воениот контекст. Сепак има неколку лични работи. Изложени се ливчиња од говорите на Хитлер и писма од периодот пред 1933 година кои го покажуваат расположението и надежите на народот.

Меѓу 400 фотографии највпечатливи се црно-белите со работничките кои ги моделираат бистите на Хитлер, како и различните мотиви од војната. Претставени се и бројни експонати на кои доминираат нацистичките симболи, како и шпилот карти со фотографии на Хитлер и неговите најблиски соработници.

Hitler und die Deutschen Ausstellung im DHM Berlin
Хитлер донесе смрт. Симболично покажува една од првите фотографии на диктаторот!Фотографија: DW

„Покажуваме и една голема витрина на униформираноста на општеството. На униформите се гледаат разликите и рангирањето. Униформите на војската се од боцкав дебел штоф, додека оние на СС-офицерите од најфин, така што јасно и во ваквата материјалност се гледа дека станува збор за пседуо-елита во веќе востановениот нацистички поредок," кажува и историчарот Ханс Улрих Тамер.

Во поставката не се заобиколени ниту логорите на смртта и геноцидот врз Евреите, но како велат организаторите на изложбата - Германците со Хитлер се' уште не завршиле!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска