1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ходорковски го предизвикува Путин со политичките затвореници

Александар Методијев/ап/ројтерс/афп22 декември 2013

Само два дена по неговото ослободување од руски затвор, Михаил Ходорковски од Берлин се заложи за ослободување на останатите политички затвореници во Русија. Тој нема политички да се активира.

https://p.dw.com/p/1AerK
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прес-конференцијата се случи во близина на „Чекпоинт Чарли“ – поранешната контролна точка на премин од источен кон западен Берлин за време на Втората светска војна. 50-годишниот Ходорковски рече дека на него не треба да се гледа како на симбол дека повеќе нема политички затвореници во Русија. Тој додаде дека ќе стори се’ што може за да осигура дека ќе бидат ослободени и останатите.

Како и да е, Ходорковски рече дека „нема да се вклучува во битка за власт“ во Русија. Првпат кога слушнал дека би можел да биде ослободен било на 12 ноември, кога адвокатите му рекле дека поранешниот германски министер Ханс-Дитрих Геншер „рекол дека претседателот Путин нема да постави услов за помилување со признавање на вината“ од страна на Ходорковски. Сега стана јасно дека германскиот дипломатски ветеран со години работел од позадина на неговиот случај. Нему Ходорковски и на денешната прес-конференција неколкупати му се заблагодари на Геншер.

Веста му ја соопштил затворскиот командир

Ходорковски објасни дека во петокот околу два часот наутро го разбудил затворскиот командир и му рекол дека ќе си оди дома. Ходорковски објасни дека дури подоцна дознал дека „патот ќе заврши во Берлин“. „На вратата од авионот видов дека се работи за германски авион“, рече поранешниот руски нафтен тајкун. Според него, медиумите и западните политичари одиграле голема улога во неговото ослободување. Тој и’ се заблагодари на германската канцеларка Ангела Меркел за тоа што работела на неговото ослободување.

Chodorkowski gibt Pressekonferenz in Berlin am 22.12.2013
Голем интерес за првата прес-конференција по ослободувањето од затворФотографија: picture-alliance/dpa

„Таа направи да биде можно јас денеска да бидам слободен“, рече поранешниот најбогат Русин.

Прашан за чувствата кон Путин, Ходорковски рече дека има прагматичен пристап, бидејќи неговата фамилија не страдала дополнително додека тој бил во затвор, но сепак дека има бројни работи кои не му се допаѓаат.

„Очигледно има работи кои не ги сакам. Има правила кои мораат да се променат“, рече Ходорковски. Тој на прес-конференцијата го потврди она што пред неа го јавија повеќе медиуми – дека тој нема да се бори за политичка позиција. „Битката за власт не е за мене“, рече тој. Пред апсењето, тој финансираше опозициски партии и едно време се веруваше и дека има политички амбиции.

Тој нема да бара враќање на имотот на неговата затворена фирма „Јукос“. „Сметам дека во мојата бизнис-кариера јас постигнав се што сакав да постигнам“, рече Ходорковски. Тој не е сигурен какви следни чекори ќе прави. Знае дека има германска виза на една година.

Ходорковски не размислува да се врати во Русија, бидејќи стравува дека нема да му биде дозволено да ја напушти земјата. Сепак, Ходорковски се противи на бојкотот на отворањето на Зимските олимписки игри од страна на западните политичари.

„Тоа е прослава на спортот – нешто што милиони од луѓе ќе го слават. Очигледно, тоа не треба да стане голема забава на претседателот Путин“, рече Ходорковски.