1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандија – даночна оаза

Дирк Кауфман / Александар Методијев5 септември 2013

Ако некое претпријатие сака да заштеди на плаќање данок, за тоа има низа на можности во земјите кои се нарекуваат даночни оази. Една од нив е Холандија, која се’ повеќе ги привлекува сопствениците на германски компании.

https://p.dw.com/p/19cN7
Фотографија: Fotolia/samott

Даночните оази не мораат секогаш да бидат толку далеку, на друг крај од светот. Тие се наоѓаат и внатре во ЕУ – во Ирска или веднаш зад германската западна граница, во Холандија. Томас Ајгентхалер, претседател на Германскиот даночен синдикат, добро го познава овој проблем.

„Членките на ЕУ, Ирска и Холандија негуваат национални даночни закони кои им носат штета на нивните европски соседи. Всушност и повеќе од тоа. Некои станаа вистински даночни оази, како што се на пример Холандските Антили“, вели Ајгентхалер во разговорот за Дојче веле.

Deutschland Thomas Eigenthaler Deutsche Steuer-Gewerkschaft
Томас Ајгентхалер, претседател на Германскиот даночен синдикатФотографија: dapd

Професорот Кристоф Шпенгел, економски експерт на Универзитетот во Манхајм, објаснува што ја прави Холандија толку атрактивна за германските претпријатија.

„Таму даночната стапка на добивката, ако некое претпријатие работи преку лиценца на некое друго претпријатие, изнесува пет проценти. Во споредба со тоа, даночната стапка на добивката во т.н. нормални претпријатија изнесува 25 проценти“, објаснува професорот Шпенгел.

Германските фирми преку моделот на „холандска оаза“ истовремено двојно штедат. Тие во Холандија плаќаат многу помалку за добивката од работењето преку патенти и лиценци, отколку што би морале да платат во Германија. За користењето на овие права германските претпријатија сепак мораат да им плаќаат на холандските филијали. Тие од севкупната добивка ги одбиваат тие износи, а врз нивна основа во Германија се плаќа помалку данок.

Оваа пракса посебно го иритира и лути германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле, бидејќи тоа воедно генерално го смалува и данокот на добивка на корпорациите, како и данокот на промет.

„Тоа секако дека не се трикови со кои можат да се послужат нормалните даночни обврзници, туку само меѓународните претпријатија, односно оние кои имаат фирми-ќерки во странство. Со други зборови, кога водите бизнис надвор од границите на земјата, тогаш се’ е можно“, вели Ајгентхалер.

Легални, но спорни модели на заштеда

Ваквите модели на „оптимизирање на данокот“, или како што експертите ги нарекуваат „агресивно оптимирање на плаќањето данок“, не се забранети, туку се сосема легални.

„Оваа пракса, законски гледано, е дозволена, иако не е во ред. Но, даночниот закон не содржи морални прашања. На оние, кои на овој начин штедат, законот всушност уште повеќе се’ им олеснува“, вели претседателот на Германскиот даночен синдикат, Ајгентхалер.

Но, оној кој сака на овој начин да штеди пари, тоа не мора нужно да го прави во Холандија.

Moskau Treffen G20-Finanzminister
Германскиот сојузен министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: Reuters

„И Швајцарија се’ уште е една од омилените европски ’даночни дупки’ за германските претпријатија. А, во меѓувреме и други земји воведоа слични закони како и Холандија. Тоа пред се’ е Луксембург, во кој постои еден сличен модел кога станува збор за добивка од патенти. Во пролетта оваа година нешто слично воведе и Велика Британија“, вели Кристоф Шпенгел.

„А, колкава е точно штетата која од ’холандскиот модел’ мора да ја пријави германскиот министер за финансии, не може точно да се утврди. Ниту јас не сакам да давам некои проценки“, додава професорот Шпенгел.

Ајгентхалер смета дека таа штета може да се процени на двоцифрени бројки во милијарди и тоа годишно. Според него, овој проблем може да се реши само на ниво на европската политика и бара од политичарите да запрат со „натпреварувањето“ на полето на даночните закони.