1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холанѓаните се враќаат, Финците премиерно во Македонија

10 март 2011

Се’ за одморот и патувањата е темата на најголемата туристичка берза на која во Берлин се претставуваат 11.163 излагачи од 188 земји. Меѓу нив и Македонија, каде се враќаат Холанѓаните, а премиерно доаѓаат Финците.

https://p.dw.com/p/R7gg
Фотографија: dapd

По кризните години, овојпат атмосферата на најголемиот туристички саем е повторно раздвижена, особено ако се има предвид дека во Германија се најавуваат рекордни добивки во браншата. Во центарот на вниманието се земјите од северна Африка, кои се потресени од политичката криза, но и Полска која е земја-партнер на туристичката берза и која се претставува на 1.700 квадрати како еден од домаќините на Европското фудбалско првенство во 2012 година.

ITB Berlin 2011 Tunesien
Германските туристи годинава се резервирани за понудата на ТунисФотографија: dapd

Германците годинава се враќаат на традиционалните навики

Одморите и патувањата Германците ги резервирале уште на стартот на годинава, а не по принципот „ласт минит“ што беше карактеристичен во изминативе кризни сезони. Поради политичките случувања интересот на Германците за летување во Египет е намален за 22%, а за Тунис и за цели 50 проценти. Но, светот е голем, и како што најавува и годинешнава туристичка берза, Германците и овој пат ќе пронајдат вистинска дестинација за да потрошат и 4 проценти повеќе од просечните 944 евра, колку што лани за патувања инвестирал секој жител на државата.

Она што е претставено на туристичката берза е навистина од највисок квалитет и нуди по нешто за сечиј вкус и џеб. Покрај егзотичните дестинации како Папуа Нова Гвинеја, Јужна Америка и Далечниот Исток, во повеќе саемски хали се презентираат и германските традиционални летувалишта, хотели, пансиони и бањи, но застапени се и европските топ-туристички дестинации: Шпанија, Турција, Италија, Грција и Хрватска.

Чартерите профункционираа

Во халата 1 е и штандот на Македонија, декориран со големи постери од Охрид, од икони, од планините и со пропаганден материјал кој годинава е и на германски јазик. „Македонија ја претставуваме како патување низ времето. Типуваме на културниот и езерскиот туризам“, вели Зоран Стрезовски, директор на Агенција за промоција на туризмот. Тој забележува дека оваа ќе биде подобра од минатата година, кога наспроти кризата бил забележан пораст од 1 процент кај ноќевањата. За годинава се очекува бројот ноќевања да се зголеми дури за 10 проценти.

Berlin ITB Zoran Strezovski
Со чартери во Македонија ќе пристигнат туристите од Холандија и Финска. Зоран Стрезовски, директор на Агенцијата за промоција на туризмотФотографија: DW

Како важен сигнал во таа насока Стрезовски посочува на фактот дека од мај стартуваат и чартер летовите од Холандија (Амстердам-Скопје), што значи дека Холанѓаните повторно се враќаат во Охрид. „За првпат се отвора и финскиот пазар. Има чартери од Хелсинки за Охрид, но и од Љубљана и од Загреб,“ подвлекува Стрезовски. Според него со чартерите кои ги обезбедија финските и холандските туроператори е направен вистински исчекор. Заедно со локалната самоуправа, пак, се работи на подобрување на хигиената и инфраструктурата во туристичките места, бидејќи гостите не смеат да бидат разочарани.

Германскиот пазар се’ уште затворен

Што се однесува до Германија, се’ уште нема некаков голем пробив, пред се’ поради отсуството на поволни чартер летови. Но, постои интересирање, подвлекува Карстен Херцог, кој престојувал во Македонија и сега работи на нејзина промоција. „Мора да се обрне поголемо внимание на убавините на Македонија. Тие треба да се претстават пред оваа публика. Мислам пред се’ на националните паркови, на скијачките центри и секако на Охридското Езеро. Поврзувањето на одморот крај езеро и природата - тоа е шансата за Македонија“, смета Карстен Херцог, директор на туристичкото претставништво ХЕРЦОГ.

Berlin ITB Carsten Herzog
Убавините на Македонија треба да се поприсутни на германскиот пазар. Карстен ХерцогФотографија: DW

Претставниците од македонските агенции „Ториас“, хотелот „Стоун Бриџ“ и други кои се во Берлин, на првиот ден од туристичката берза имаа контакти со заинтересираните агенти од Италија, Германија, Бугарија. В сабота пак, кога саемот ќе биде отворен за широката публика, ќе биде организирана и презентација на земјата со македонска музика и вино.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александара Трајковска