1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холанѓаните соочени со презадолженост

Маркус Бениш/Б. Георгиевски11 август 2012

Холанѓаните се‘ повеќе се соочуваат со пораст на цените. Тие се најзадолжената нација во Европа кога се во прашање недвижностите. За економска криза е рано да се зборува, но кризата на довербата е присутна.

https://p.dw.com/p/15fG4
Фотографија: DW

Каналите и опуштениот начин на живот, по тоа се познати Холанѓаните. Невработеноста е ниска, социјалниот систем е добар. Но има и друга страна. Продавачите на пазарот во Ротердам веќе подолго време забележуваат дека не оди се’ така добро.

„Луѓето имаат помалку пари. Кога купуваат за целото семејство, порано се купуваше зеленчук и слатки за сите, но од пред неколку месеци од нешто се откажуваат“, вели продавачот на пазар во Ротердам, Мустафа Горген.

И муштериите гледаат исто на тоа:

„Парите се‘ помалку стигнуваат. Се’ е поскапено, кириите, прехранбените продукти“.

„Државата зема се‘ повеќе пари. Даноци, здравствени каси, се’, велат граѓаните.

Зад изградбата на новите канцелариски објекти не мора долго да се бара за да се најде таблата „Те кооп“- се продава. Агентот за недвижности Фриц Маркус добро знае што се случува. Долги години Холанѓаните можеа да се потпрат на растечката цена на недвижности, но не повеќе.

Голема несигурност

„Владее несигурност, колку ќе понуди банката за хипотеката, несигурност за работното место, несигурност дали со платата ќе се успее да се отплати хипотеката“, објаснува агентот за недвижности, Фриц Маркус.

Агентот Маркус ни го покажува предградието на Ротердам, Барендрехт. Во последните 15 години тоа порасна од 20 на 48 илјади жители. Но денес на новоизградените објекти видливи се таблите за продажба.

Rotterdam Niederlande Grachten Gracht Kanal Boot
РотердамФотографија: picture alliance/dpa

„Мислам дека од 2000. година наваму беа изградени премногу апартмани, за кои во тоа време постоеше и голем интерес, но сепак сметам дека требаше да се гради поинаку“, вели Маркус.

Особено со недвижностите, Холанѓаните се премногу задолжени. Тоа е најголема задолженост по глава на човек во Европа. Досега тоа не беше проблем. Но растот на економијата запре, а владата мора да штеди. Последиците им се добро познати на кредиторите. Прашањата по телефон или преку интернет-страниците двојно се зголемија во последните месеци.

„Во моментов довербата на потрошувачите е на многу ниско ниво. Луѓето не знаат на што се, не знаат дали работата им е сигурна, колку им вреди куќата, дали вредноста ќе паѓа...“, вели Герјоке Вилминк, директор на Нибуд, организација за кредитирање на население.

Во Холандија се‘ уште нема економска криза, но очигледни се првите траги од криза на довербата.