1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хомосексуалци во Бугарија: Само молчи и се‘ е можно

Наоми Конрад / Елизабета М. Фиданоска9 октомври 2013

Животот на хомосексуалците во Бугарија се одвива скришно. Кој јавно ќе се изјасни како хомосексуалец ризикува да ја загуби работата и пријателите. Сепак, слободен простор има - тајно.

https://p.dw.com/p/19wmc
Фотографија: picture alliance / AFP Creative

„Двете жени онаму се лезбејки“, вели шепотејќи театрално гласно Георги Иванов, притоа наведнувајќи се преку масата. Иванов се смее, а потоа уште еднаш се наведнува преку масата и вели дека двете имаат мала ќерка. А, двајцата мажи таму, вели тој, покажувајќи во насока на другиот крај од малата пивска градина, сокриена во мал засенет двор, се исто така пар. Од каде знае? „Ах, ваквите работи ги знае секој во заедницата“. Заедница - под тоа Иванов подразбира група хомосексуалци и трансексуалци во неговиот роден град Пловдив, кои меѓусебно се добро поврзани, но нанадвор главно ја кријат својата сексуална ориентација.

„Само моите најдобри пријатели знаат дека сум хомосексуалец“, вели Иванов, кој всушност се вика поинаку. Името 21-годишното момче си го даде по подолго размислување. „Тоа е типично бугарско име.“ Не сака да се претстави со вистинското име, зашто не сака неговото семејство да дознае дека има момче, со кое ја дели собата во студентскиот дом на Медицинскиот факултет. Момче за кое сака подоцна да стапи во брак - „доколку останеме толку долго заедно“. Сето тоа неговото семејство не смее да го дознае: „Зашто за нив хомосексуалноста е грев“, вели Иванов.

Да се остане невидлив

Иванов си поигрува со зелената нараквица. На гумата е напишано: „Различини, но сите еднакви“. Тоа во Бугарија не е баш така, барем не за широкиот слој на населението. „Во Бугарија се повторува оваа мантра: ’Немам ништо против хомосексуалците, се‘ додека се невидливи’“, објаснува Радослав Стојанов. Многумина Бугари размислуваат така, вели 26-годишниот Стојанов, кој е активист на бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права. „И многумина хомосексуалци го прифаќаат овој услов и се обидуваат да бидат што подискретни“.

Bulgarien Homosexuelle in Plovdiv Radoslav Stoyanov
Радослав СтојановФотографија: DW/N. Conrad

Се‘ додека не се води отворена дебата, тешко е да се промени конзервативното бугарско општество: „Како ќе се борите против молчењето?“, прашува Стојанов малку очајно. Притоа, знае колку е висока цената кога некој јавно, како тој самиот, ќе ја декларира својата хомосексуалност. Тој се декларирал како хомосексуалец пред неколку години, кога во Бугарија се дебатираше за воведување на категоријата животни заедници. Стојанов настапувал на телевизија и во радио емисии. „Тогаш загубив многу пријатели“, вели тој. Освен тоа, тој со години нема партнер. „Никој не сака да биде заедно со активист кој се има јавно декларирано“.

„Бугарија не е Уганда“

Кога преживува тешки моменти, вели Стојанов тивко, тој се мотивира со мислите дека во други земји е могу подобро, како во Германија или Велика Британија. Тој е сигурен дека ситуацијата некогаш ќе се промени, ако не со промена во општеството, тогаш под притисок однадвор од ЕУ.

На ужас на активистите и на ЕУ, во Русија од неодамна „хомосексуалната пропаганда“ е казнива. Во Бугарија ни оддалеку не е толку лошо, вели Стојанов. Сепак, тој на ниту еден исполов пар не би му препорачал да шета рака за рака низ Софија „дури и ако се странци“. „Опасно е пред се‘ во Градскиот парк, каде има многу десноекстремни групи.“

Bulgarien Gay-Parade in Sofia Sommer 2012
Плакати во Софија на противниците на хомосексуалцитеФотографија: BGNES

Лов на хомосексуалци? Неофицијалниот портпарол на еден од двата софиски клубови на фудбалски фанови одрекува со главата. „Немаме ништо против тие луѓе, се‘ додека тоа не го прават јавно“. Добро истренираниот човек не го споменува зборот хомосексуалци. Просторијата во станот во центарот на Софија е прилично празна. Само што се преселивме, вели портпаролот извинувајќи се. Тука се примаат новинари „кои досега со нас немале контакт“. Зашто, просториите на здружението на навивачи можеби пружа погрешен впечаток „со мртвите глави и знамињата, и така“, вели тој.

Привидни бракови и хормони на студенти

Тој не сака во никој случај да пружи погрешна слика, односно дека бугарските фудбалски хулигани, кои се познати по тоа дека се прилично насилни, се хомофоби. Можеби одделни хулигани биле малку насилни кон „ваквите луѓе“, признава тој, но „тоа се индивидуи за кои ние не носиме одговорност“. Потоа сака да зборува за други теми.

Bulgarien Homosexuelle in Plovdiv
Пловдив конкурира за европски град на културатаФотографија: DW/N. Conrad

Хулигани? Момчето кое си го даде името Георги Иванов ги крева рамената. Во Пловдив проблемот не е толку голем. Универзитетскиот град важи за прилично либерален и отворен. „Јасно, во селата е сосема поинаку, таму може да биде опасно ако хомосексуалноста се декларира јавно“. Но, во град кој конкурира за европски град на културата не е толку лошо, нагласува тој и додава: „Се чувствувам добро во Бугарија. Овде можам да правам што сакам“.

Иванов сака подоцна да има деца „можеби три, можеби повеќе“. Бугарското општество можеби за неколку години ќе биде стигнато до степен кога тој и неговото момче ќе може да посвојат деца, или да добијат деца со помош на сурогат-мајка. Доколку не, „тогаш со пар лезбејки ќе склучиме привидни бракови“, вели тој. Негова пријателка сакала да го промени полот, но тоа не е дозволено со бугарските закони. „Но, сигурно ќе најде некои студенти по медицина кои ќе и‘ дадат хормони“, убеден е Иванов. Кревајќи рамена додава: „Ти велам, во Бугарија е се‘ можно, само доколку за тоа не се зборува“.