1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хорст Келер - иден германски сојузен претседател?

4 март 2004
https://p.dw.com/p/AcPQ
-Се чини дека конечно им дојде крајот на дискусиите околу наследникот на Јоханес Рау како германски сојузен претседател. Неочекувано синоќа партиските раководства на демохристијанските партии на Унијата и на Слободните демократи се договорија да го предложат Хорст Келер, сегашен генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд, за заеднички кандидат за претседател.

61-годишниот Келер е член на ЦДУ и за време на владата на Хелмут Кол беше државен секретар во Сојузното министерство за финансии. Негова област се стопанството, трговијата, финансиите - во таа сфера беше активен и на меѓународната сцена. На прес-конференција денеска напладне претседателите на сестринските партии на Унијата ЦДУ/ЦСУ, Ангела Меркел и Едмунд Штојбер, треба официјално да го објават номинирањето на Келер, но веродостојноста на информациите ја потврди Петер Милер, покраински премиер на Саарланд: "Агенциите се во право. Точно е оти на крајот од синоќешните консултации на президиумот на ЦДУ беше поднесен и утврден предлогот дека на изборите сакаме да одиме со господин Келер. Ние сме уверени дека најдовме кандидат кој со својата меѓународна дејност и меѓународно реноме токму во времето на глобализацијата на извонреден начин ќе може да ја оствари задачата на сојузен претседател". Во ЦДУ имало жестоко спорење околу повеќедневната персонална дебата, при што повеќемина покраински премиери и' префрлиле на Ангела Меркел, претседател на партијата, за лидерска слабост.

Со согласноста околу кандидатурата на Келер сега веројатно заврши повеќедневното натегање на опозиционите партии, предизвикано со меѓупартиски тактизирања. ЦСУ посебно се залагаше Волфганг Шојбле да биде предложен за претседател, но сите обиди на партиите на Унијата да ги придобијат либералите и нивниот партиски претседател Гидо Вестервеле беа залудни - Шојбле за нив бил премногу поларизирачки, премалку либерален, оценија Слободните демократи. Ангела Меркел помалку отворено се залагаше за Шојбле, а посебно и' беше важно да спречи лиобералите да истакнат свој кандидат. Вестервеле кај социјалдемократите и либералите ја сондираше можноста Корнелија Шмалц- Јакобсен, поранешен ополномоштеник за проблематиката на странците, да биде избрана со поддршка од владиниот блок. Опозицијата има мнозинство во Сојузното собрание - телото што се состанува еднаш на пет години и го врши изборот на претседателот, во кое во подеднаков број се застапени пратеници од Бундестагот и претставници на 16-те сојузни покраини. Изборот на сојузен претседател ќе биде извршен на 23-ти мај.