1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хофенхајм и Баерн во мртва трка за есенската титула

8 декември 2008

Неизвесен финиш на есенскиот дел од фудбалската Бундеслига. Кој ќе биде првак на половина од сезоната е прашање на кое одговорот ќе го даде последното, 17-то коло. Покрај Баерн и Хофенхајм, во игра е и Баер Леверкузен.

https://p.dw.com/p/GBVP
Од дуелот Баерн-ХофенхајмФотографија: AP

Хофенхајм и покрај поразот во Минхен, во дерби дуелот против Баерн од 2:1 и натаму е лидер на табелата со 34 бодови, но сега не е осамен. Баварците имаат ист број бодови, но послаба гол разлика. Кој од овие два тима ќе биде есенски првак ќе биде познато наредниот викенд. Хофенхајм дома го пречекува Шалке 04, Баерн Минхен му гостува на Штутгарт. Тежок испит и за двата тима.

Фармацевтите ќе чекаат кикс на Баерн и Хофенхајм

Меѓутоа сега во игра е и Баер Леверкузен, кој е на третата позиција со три бода помалку од водечкиот двоец. Фармацевтите, кои во саботата ја совладаа Борусија Менхенгладбах со 3:1, можат да се надеваат на изненадување во последното коло, кога на домашен терен го пречекуваат Енерги Котбус. Нивната математика е следна. Убедливо да се триумфира, а Баерн и Хофенхајм да направат кикс. Ова можеби на хартија изгледа лесно остварливо, но засега малкумина веруваат дека такво нешто би се случило. Меѓутоа во Бундеслигата се` е можно. Инаку Баер Леверкузен на гостувањето на Борусија парк, не славеше толку лесно. За тоа е свесен и тренерот Бруно Лабадиа. Борусија Менхенгладбах според него се борела многу добро, но неговиот тим го издржал притисокот и успеал да ги искористи решавачките моменти. Поразот за Борусија Менхенгладбах значеше и пад на последното место на табелата со само 11 освоени бодови. Пад од третото на четвртото место на табелата забележа Херта Берлин, која од гостувањето во Гелзенкирхен, против Шалке 04, се врати со пораз од 1:0. Значаен триумф за Шалке, кој со 26 бодови сега е на делба на шестото место на табелата. Тренерот Фред Рутен смета дека неговиот тим победил заслужено. Што се однесува пак до актуелната дискусија за кризата во Шалке, Рутен забележува дека таа е премногу остра.

Fussball Bundesliga Bayer Leverkusen FC Schalke 04
Играчите на Баер ЛеверкузенФотографија: AP

Без поголеми изненадувања

На делба на четвртата позиција е Хамбургер, кој во неделниот дуел во Келн славеше со 2:1. Идентичен број на бодови, но подобра гол разлика од Шалке има тимот на Волфсбург, кој во покраинското дерби против Хановер, славеше со 2:1. Ова беше шеста едноподруго победа на домашен терен за популарните „волци.“ Одличен резултат за тренерот Феликс Магат, кој по јубилеен 50-ти пат го предводеше Волфсбург. Магат е свесен дека неговите избраници до победата стигнаа среќно со автоголот на Чехен во 63-та минута: „Можеби не беше заслужено што го напуштивме теренот како победници, бидејќи во вториот дел не ја контролиравме играта и покрај тоа што имавме играч повеќе. Но доколку се земат во предвид сите наши настапи на домашен терен, мислам дека и оваа среќна победа е заслужена„ рече Магат.

На седмата позиција со ист број бодови е Борусија Дортмунд која на гости во Билефелд против Арминија ремизираше без гoлови. Многу значајна победа забележа Карлсруе во дуелот против фаворизираниот Вердер Бремен од 1:0. Прва радоста за Карлсруе по девет натпревари, кој со 13 освоени бодови се проби на 15-то место на табелата. Енерги Котбус никако да излезе од кризата. Овој пат претрпе убедлив пораз од Штутгарт на домашен терен од 3:0 и падна на 16-та позиција на табелата со само 12 освоени бодови. Втората едно по друго победа за Штутгарт е многу значајна. Тимот сега се проби на деветата пзоиција со 24 освоени бодови. Се разбира дека е задоволен и тренерот Маркус Бабел, кој пред две кола ја презеде тренерската функција откако Армин Фе заработи отказ. Претпоследен та табелата со 11 освоени бодови е тимот на Бохум, кој на гостувањето во Франкфурт против Ајнтрахт беше прегазен со 4:0.

Fussball Bundesliga, Stuttgarts neuer Trainer Markus Babbel
Засега му оди добро, Маркус бабелФотографија: AP