1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хоџај негира дека Косово обучува сириски бунтовници

Александар Методијев/бета/ројтерс15 мај 2012

Амбасадорите на Советот за безбедност на ОН го поздравија договорот меѓу косовските и српските власти со ОБСЕ за одржување српски избори на Косово и побараа продолжување на истрагата за наводната трговија со органи.

https://p.dw.com/p/14vd9
Фотографија: Reuters

Тие го поздравија напредокот во истрагата, а рускиот амбасадор оцени дека таа е спора. Виталиј Чуркин рече и дека е зголемен бројот на вандализми врз православните светилишта и врз косовските Срби. Американскиот амбасадор Џефри Делорентис рече дека САД сериозно ги сфаќаат сите наводи за злосторства на Балканот, но побара истрага за трговијата со органи да не се политизира. Тој ја поздрави одлуката на српските власти да не прифатат нелегално одржување на избори во северот од Косово.

Британскиот амбасадор, пак, изрази загриженост поради зголемената напнатост врзана за изборите во Србија и апсењата.

„Се приближува крајот на надгледуваната независност и тоа е важен чекор за Косово, кое треба да покаже дека може да ги почитува правата на малцинствата“, рече британскиот амбасадор.

Министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ пред Советот за безбедност рече дека продолжува кампањата за застрашување на Србите на Косово и предупреди дека има се’ помал интерес за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград. Тој рече дека Србија ги дели стравувањата на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун за можно понатамошно стеснување на просторот за дијалог меѓу Белград и Приштина во наредните месеци, ако не се одржи мирот.

Vuk Jeremic, Aussenminister Serbien
Вук ЈеремиќФотографија: dapd

Тема на расправа беа и информациите за тренинг кампови во Косово наменети за сириската опозиција, кои излегоа во јавноста минативе денови. Министерот за надворешни работи на Косово Енвер Хоџај изрази поддршка за сириската опозиција, потсетувајќи дека косовската влада веќе воспоставила дипломатски контакти со Сиријците кои се борат против претседателот Башар ал-Асад.

„Ние сме меѓу првите влади во Европа кои ја поддржуваат опозицијата во Либија, а минатата година и во останатите арапски земји, бидејќи ние се бориме за исти аспирации, за исти вредности. Ние многу ја поддржуваме нивната кауза“, изјави косовскиот министер на состанокот во ОН.

Хоџај одговори на забелешките на рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин, кој го предупреди Советот за безбедност дека не треба да се дозволи Косово да стане тренинг центар за бунтовници. Прашан дали Косово воспоставило тренинг центри за сириските бунтовници, Хоџај одговори: „Воопшто не“.

Чуркин, кој ја претставува Русија – земјата силен поддржувач на Асад, која се портиви на повиците од Западот за воведување санкции за неговата влада, рече дека Москва стравува оти Косово обезбедува нешто повеќе од политичка поддршка и дека се вознемирувачки информациите за тренинг камповите во Косово.

„Претворањето на Косово во меѓународен тренинг центар за бунтовници од различни вооружени единици може да стане сериозен дестабилизирачки фактор, кој може да излезе надвор од балканскиот регион“, предупреди амбасадорот Чуркин.

Советот за безбедност вчера расправаше за редовниот квартален извештај на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.