1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хоџај: Србија се враќа на антиевропскиот пат

СН/АМ/бета/воа1 јули 2012

Министерот за надворешни работи на Косово Енвер Хоџај оценува дека последните политички движења во Србија значат враќање на патот кој не води кон европските интеграции.

https://p.dw.com/p/15OrP
Фотографија: DW

Шефот на косовската дипломатија во интервју за албанската програма на Гласот на Америка, коментирајќи го најновиот развој на настаните во Србија оцени дека победата на Томислав Николиќ за претседател на Србија и давањето на мандатот за составување на владата на претседателот на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ предизвикало вознемиреност на Балканот.

Хоџај истакна дека Дачиќ бил протагонист во движења во Србија кои не биле за пофалба, оти бил „портпарол на режимот кој извршувал злосторства на Косово, во Босна и Херцеговина и во Хрватска и оти денот (Видовден) на кој го добил мандатот претставува лоша порака за Косово и за земјите соседи на Србија.

Косовскиот министер смета дека првите изјави на Дачиќ дека ќе вложи напори да ги врати српските сили на Косово без сомнение се пораки кои во Приштина, Сараево, Подгорица, Скопје и Загреб се гледаат со определена вознемиреност.

„Сето тоа докажува дека Србија се вратила на антиевропскиот пат и никој подобро од граѓаните на Косово, БиХ и Хрватска не знае што значи антиевропска Србија. Поради тоа одговорноста на Брисел и западните партнери е да бидат јасни и недвосмислени, кога станува збор за ставот кон владата која набргу може да биде формирана во Белград“, рече Хоџај во интервјуто за албанската програма на Гласот на Америка.

Тој повтори дека Косово е заинтересирано за нормализација на односите со Србија, но во никој случај таа не треба да се сфати како доминација на Србија над Косово или, пак, за враќање на српската хегемонија над Косово или другите земји во регионот.

Косовскиот министер оцени дека е потребен притисок на меѓународната заедница за повлекување на илегалните српски структури од северот на Косово и оти нема да има продолжување на разговорите меѓу Белград и Приштина, доколку не се спроведат досега постигнатите договори.