1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска ќе и‘ помага на Македонија за влез во ЕУ и во НАТО

29 август 2011

Македонија и Хрватска немаат отворени прашања, политичките односи се одлични, но има простор за подобра економска соработка, порачаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Попоски и Гордан Јандроковиќ.

https://p.dw.com/p/12PUm
Никола ПопоскиФотографија: Petr Stojanovski

Во заедничката изјава по средбата во Загреб, Попоски и Јандроковиќ нагласија дека евроатлантската перспектива е најдобар начин за елиминирање на сите бариери.

„Македонија има силна поддршка од Хрватска на патот кон ЕУ и НАТО. Веруваме дека е можен договор меѓу Скопје и Атина околу спорот за името. Подготвени сме да помогнеме колку што можеме зашто сакаме да ја видиме Македонија во Европската унија“, истакна Јандроковиќ.

Постојат јасни критериуми за влез во ЕУ

Според Јандороковиќ, билатералните прашања не треба да бидат пречка во евроинтеграциските процеси, туку треба да се решаваат со меѓусебен договор и разбирање. Постојат, потенцира, јасни критериуми и правила согласно кои секоја земја преговара за членство.

„Членството на Хрватска во ЕУ ќе ни даде дополнителен ветер во грб, но воедно ќе биде и силен сигнал дека со остварување на поставените задачи европската перспектива е јасна. Доколку го следат овој пример и ги промовираат европските идеи, сите земји од регионот ќе станат дел на истото семејство“, рече Попоски.

Ако се почитуваат политиките на европската интеграција, овој процес, додаде, ќе го задржи својот кредибилитет и неодминливо ќе биде успешен за останатите држави со статус кандидати.

„Хрватските искуства ќе бидат особено значајни за Македонија на патот кон ЕУ. Се надевам дека со скорешен почеток на преговорите ќе ги постигнеме истите резултати“, подвлече шефот на македонската дипломатија.

Außenminister Kroatiens Gordan Jandrokovic Treffen Außenminister Zagreb
Гордан ЈандроковиќФотографија: DW

Досегашната соработка меѓу Македонија и Хрватска е поддржана со околу 40 меѓусебни договори и спогодби. За унапредување на стопанските односи министрите предлагаат воспоставување меѓуресорска координација која би се занимавала со прашања од економијата, туризмот, инфраструктурата, сообраќајот...


Хрватските фирми се подготвени за инвестици во Македонија

Трговската размена во првите неколку месеци од годинава изнeсува околу 100 милиони евра. Како што информира Јандроковиќ, хрватските компании се подготвени да инвестираат во Македонија. За нив се посебно атрактивни енергетиката, градежништвото и прехранбената индустрија.

На средбата била нагласена и одличната соработка околу правата на националните малцинства.

„Хрватско-македонската соработка на ова поле е пример како две држави може да ја уредат таа проблематика и како тоа прашање може да биде мост што ќе поврзува две земји“, посочи Јандроковиќ.

Министерот Попоски кој престојува во еднодневна официјална посета на Хрватска, ги оцени како исклучително конструктивни разговорите со својот колега Јандроковиќ и претходните, претпладнето, со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Тоа што Попоски како прва земја за посета ја одбра токму Хрватска, рече Јандроковиќ, е знак на доверба и желба билатералните односи да се развиваат во пријатлески дух.

Во текот на разговорите со Јосиповиќ уште еднаш е потврдена хрватската поддршка за македонската ЕУ и НАТО интеграција.

Хрватска е првата земја што ја посетува Попоски по неговото назначување на функцијата министер за надворешни работи.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Борис Георгиевски