1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијаните на Блискиот Исток бараат рамноправност

22 јануари 2011

По неодамнешните напади на христијани на Блискиот Исток, видни муслимански личности во медиумите ги осудија случувањата. Но, дали ваквата вербална солидарност е искрена намера за заштита на христијаните на Ориентот?

https://p.dw.com/p/100Pz
Арапските влади треба да се залагаат за религиозната слобода и рамноправноста на граѓанитеФотографија: AP Graphics/Bilderbox/DW

Ридван ас Сајид, 61-годишен исламолог од Либанскиот универзитет во Бејрут, не се плаши од реакциите и ја критикува резигнираноста на влијателните муслимански институции и религиозни авторитети. Ас Сајид од институциите бара поголема заложба за правата на сите граѓани:

„Потребно е категорично барање упатено до арапските влади, повторно да се почитуваат човековите права! Тие мора да опстојуваат на почитување на религиозната слобода и рамноправност на граѓаните. Но, исламските институции не го прават тоа, не поради тоа што не веруваат во тие права, туку знаат дека со тоа ќе ги налутат властодршците.“

Потребна е поголема самокритичност

Christen und Muslime, Christentum und Islam
Нападите врз христијаните треба да се осудат, исто како оние врз муслиманитеФотографија: picture-alliance/dpa

Убиствата на христијани во Ирак и Египет и масовното иселување на христијанското население од регионот, се тема во арапската јавност. Постои загриженост дека разнишаниот религиозен плурализам ќе предизвика натамошно ограничување на општествените и политички слободи. Интересно е што во анализите се обвинуваат радикалните исламисти, но виновниците за протерувањето на христијаните се бараат во странство. Според анализите, тоа е обид на западните сили и тајни служби дополнително да го дестабилизираат Блискиот Исток. Мохамад ас Самак, генералниот секретар на Христијанско-муслиманскиот комитет за дијалог, вели:

„Ние речиси воопшто не сме самокритични. Мислам дека сега ќе мора да размислиме за некои од основните начела на муслиманската религија. Пред се‘ мислам на односот кон другите, без разлика дали се христијани, Евреи или, пак, атеисти. Во текстот на договорот меѓу пророкот Мухамед со христијаните од градот Наџран, првиот град во јужниот дел на Арапскиот полуостров каде живееле христијани, покрај заштитата на христијаните, пропишана е обврската за поддршка на христијаните при изградбата и финансирањето на црквите.“

Демократијата и граѓанските права се вистинскиот пат

Minarett un Kirchenturm in Mannheim
Мора да се почитуваат човековите права, независно од религиозната припадностФотографија: AP

Ас Самак смета дека нападите врз христијаните и црквите треба да се осудат исто како и нападите врз муслиманите и џамиите. Иако реакциите од официјалните лица доаѓаат со задоцнување, тој наиде на позитивни реакции. Новинарот Касим Касир истакнува:

„Сите напори за спречување на насилството врз цивилите се исплатат. Решение е демократија, граѓански права и нерелигиозна држава. Тоа е вистинскиот пат и треба да се залагаме за тоа.“

Истите барања ги поставуваат и претставниците на повеќе ориентални цркви на Блискиот Исток. Петер Габи Хашим, од маронитска вероисповед, работи во Советот на црквите на Блискиот Исток МЕЦЦ. Советот ги застапува повеќето христијански верници во арапскиот свет. Хашим е уверен дека не постои алтернативно решение за заедничките христијанско-муслимански напори за демократија:

„Христијаните повторно мора да го добијат чувството дека можат да живеат во својата земја. Од нашите муслимански браќа во овој регион очекуваме да ни‘ помогнат, и понатаму да останеме дел од нашите општества. Најважно е унапредувањето на развојот на нерелигиозните земји, каде се почитуваат човековите права независно од религиозната припадност на луѓето. За жал, тоа денес недостасува во повеќето земји на Блискиот Исток.“

Автор: Мона Нагар / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска