1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

171208 Kloster Syrien

19 април 2009

На оддалеченост од околу еден час возење од Дамаск, среде каменитата пустина, на еден стрмен брег, се наоѓа манастирот на свети Мојсеј од Абисинија. Toa e еден од последните ориентални пустински манастири.

https://p.dw.com/p/HZbW
Манастирот Деир Мар МусаФотографија: Arian Fariborz

Оној што сака да го посети манастирот Деир Мар Муса, во пустината во близина на малото гратче ан-Небек, мора да има многу трпение и добра кондиција. Тесното каменесто патче до манастирот се протега речиси два километри во висина. Но, величествениот поглед од идиличниот манастир, изграден во карпите е награда за напорното пешачење.

Уште оддалеку се слуша ѕвонот на камбаните. Штом ќе се стигне на платото на брегот, се влегува во широкиот двор на манастирот. Во еден агол седат тројца млади мажи со бради, кои од јажиња плетат седишта за столови, додека дел од новодојдените од Европа на терасата пијат чај за добредојде. Одовде се гледа само бескрајната широчина на сириската пустина. Жителите на манастирот, седуммина монаси и четири калуѓерки, се сместени веднаш до главната зграда, која личи на тврдина. На падината од брегот се веќе подготвени гостинските соби - се нуди еден вид Bad&Breakfast (соба за спиење со појадок) за аџиите и трагачите по духовност и тоа среде каменестата оаза на тишината.

Kloster Deir Mar Musa, Stuhlflechter
Плетачи на столовиФотографија: Arian Fariborz

Мојсеј останал во манастирот заради принципите на верата во заедницата

Во црквата на манастирот, величествен објект, монахот Фредерик води една група посетители од Франција. Камен темелникот на Деир Мар Муса бил поставен уште пред 1500 години, кога свети Мојсеј од Абисинија дошол тука за да води аскетски живот. Изградбата и населувањето на Деир Мас Муса следувале многу подоцна, во 6. век.

Особено впечатливи се добро сочуваните фрески, кои датираат од 11. до 13. век и неодамна се реставрирани. На нив, со шаренило од бои, се прикажани светци и сцени од божјиот суд. Но, она што го фасцинирало монахот од сирискиот град Алепо во Деир Мар Муса, тогаш не бил животот како еремит, самотник, туку многу повеќе принципите на верата на заедницата во манастирот, кои биле повод тој таму да го мине целиот свој живот.

„Нашата определба во манастирот базира врз три принципи - првиот се заснова врз комплентативен верски живот, вториот принцип врз работата со раце и третиот е госпопримливоста. На тој принцип, врз тие три принципи се одвиваат и литургиските свечености и верски обичаи во нашата околина, во која мнозинството од населението се муслимани. Ние свесно живееме отворено, во знакот на гостопримливост и врски со муслиманите во регионот. Повеќето посетители на нашиот манастир се муслимани, пред се‘ од Сирија. Тоа ни‘ отвора можност да живееме со нив, да ги делиме искуствата и да се молиме за нив“, вели монахот Фредерик.

Kloster Deir Mar Musa, Fresken
Фрески во живописни боиФотографија: Arian Fariborz

Тоа што муслиманите не само што често го посетуваат манастирот, туку и се молат во него, го прави местото посебно во исламскиот свет и го нагласува принципот на меѓусебна толеранција, како и барање заеднички нешта во верата, смета Фредерик: „Ние секоја година организираме конференции, состаноци и заеднички средби на коишто покануваме и христијански и муслимански достоинственици. Притоа, дискутираме за определена религиозна тема. Некогаш се присутни и многу млади луѓе.“

Kloster Deir Mar Musa, Jesuitenpater Paolo
Отец ПаолоФотографија: Arian Fariborz

Се‘ е во тоа како гледаме на другиот

Тоа што малата манастирска заедница, која е под патронство на сириско-католичката црква, станала позната како место на верска слобода и надвор од границите на Сирија, може да му се припише на италијанскиот језуитски свештеник, Паоло дал‘Ољо. На почетокот на 80-тите години тој го открил разурнатиот манастир на Мојсеј и подоцна го изградил. Отец Паоло, како што уште се нарекува, студирал арапски и филозофија на Блискиот исток, а денес држи предавања и семинари на исламските факултети во Сирија и во целиот арапски свет. Поради тоа, мнопгу е ценет од неговите пријатели и колеги муслимани: „Се работи за тоа како го гледаме другиот, што тој ни‘ значи, како се вклопува во нашиот поглед на свет и што тој претставува. Тоа е првиот чекор, кој значи - да се учи од другиот, тој да се почитува и да се цени. Среќен сум што толку многу муслимани го посетуваат манастирот, зашто тој претставува и дел од симболичниот свет на исламската религија. “


Автор: Аријан Фариборц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска