1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијански пратеник во турскиот парламент

24 јуни 2011

По парламентарните избори во Турција, за првпат по половина век, во Парламентот влегува еден христијански пратеник. Ерол Дора, независен кандидат, ќе ја претставува јужноанадолската провинција Мардин.

https://p.dw.com/p/11ikX
Фотографија: AP

Длабоко на југоистокот на Турција, на границата кон Сирија, се наоѓа планината Тур Абдин, која христијанските жители ја нарекуваат „Планина на господовиот слуга“. Регионот со векови бил јадро на сириската православна црква, некогаш тука имало 80 манастири. Денеска овде живеат околу три илјади христијани. Еден од нив е Ерол Дора, 47-годишен адвокат. На парламентарните избори, на 12 јуни, тој се погрижи за изненадување, зашто со поддршка на курдската Партија на мирот и демократијата, беше избран за пратеник како независен кандидат. Дора, татко на три деца, кој покрај турски и курдски, зборува и англиски и ерменски, вели: „Мојата кандидатура и изборот за пратеник предизвикаа внимание меѓу Асиријците во Мардин и Мидјат, но и во странство. Има позитивни реакции“.

Türkei Wahl 2011
Парламентарните избори во ТурцијаФотографија: DW

Изложени на дискриминација

Асиријци е назив за членовите на сириската православна црква, од која во Турција живеат уште околу 8 до 9 илјади луѓе, најголем дел во Истанбул. Тие припаѓаат на домашните христијани, како и околу трите илјади Грци и 60 илјади Ерменци. Наспроти грчко-православната и ерменско-апостолската црква, кон кои турската влада минатите месеци направи одредени отстапки, сириската православна црква и натаму е изложена на студени ветрови. Ерол Дора истакнува:

„Асириските христијани отсекогаш се чувствувале дискриминирани. Тие живеат овде со векови, но имаат големи проблеми, кои се однесуваат на религиските организации или сопственичките односи на манастирот Мор Габриел“.

Ikonen des Heiligen Nikolaus Türkei Anatolien
Христијански икони во АнадолијаФотографија: picture-alliance / Godong

Меѓу фронтовите на завојуваните страни

Мор Габриел спаѓа во најстарите христијански манастири во светот. Тој важи за теолошко срце на сириската православна црква и постојано стравува дека преку исклучително дубиозната правна постапка ќе изгуби дел од својот имот. Со тоа ќе биде ослабена позицијата на Асиријците во Тур Абдин, од кој во 80-те години се иселиле илјадници христијани. Зашто, во вооружениот курдски конфликт, тие се најдоа меѓу фронтовите, меѓу турската војска од една страна и курдската Работничка партија од друга страна. Иако некои од христијаните повторно се вратија, се‘ уште чувствуваат притисок. Токму поради тоа, Ерола Дора околу својата идна работа во турскиот парламент вели: „Нашите проблеми ги изнесов во различни прилики. Но сега, по мојот избор, се надевам дека тоа ќе можам да го направам уште погласно“.

Автор: Улрих Пик/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска