1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христов: македонскиот фудбал е во хаос

18 октомври 2011

Ѓорги Христов, едно од најголемите фудбалски имиња во Македонија во периодот од осамостојувањето, заплови во тренерските води. Деновиве застана на кормилото на „Металург“ од Скопје.

https://p.dw.com/p/12tB5
Ѓорги ХристовФотографија: DW/Z. Kalinski

Христов дојде на местото на сменетиот Тасевски. Своето тренерско деби го имаше во дербито против Вардар, што заврши нерешено 1:1. Вакви се импресиите на Христов од 90-те минути на своето тренерско крштевање:

„Подобро деби со противник каков што е ’Вардар’, не можев ниту да замислам, ниту да сонувам. Но, има работи, кои не можат да се планираат“.

Христов имаше исклучително богата фудбалска кариера. Играше за белградски „Партизан“, го водеше нападот на „Барнсли“ во англиската Премиер лига, даваше голови во Холандија, во Шкотска,Турција...Сега со 35 години влезе во немирните тренерски води.

„Плановите беа подоцна да почнам да работам со сениорскиот тим. Но, во животот и во фудбалот има нешта, кои се одвиваат неочекувано. Ми е укажана голема доверба, голема чест да работам со првата екипа на ’Металург’. Знаеме дека ’Металург’ е најдобро организираниот спортски колектив во Македонија. Јас и како играч не се плашев од предизвиците, а сега и како тренер сум оптимист и не се плашам од она што ме очекува.“

Вардар, фаворит за титулата

FC Vardar aus Mazedonien
Вардар е главен фаворит во првенствотоФотографија: Petr Stojanovski

Клупските амбиции се престижни-шампионска титула. „Металург“ е во трка со „Вардар“. Заостанува 2 бода зад лидерот во првенството. Христов е свесен за тежината на обврските пред себе. Особено кога „Вардар“ е главниот конкурент.

„’Вардар’ и ’Металург’ по квалитет отскокнуваат. Тука, на 4-5 бодови разлика се и ’Шкендија’ и ’Работнички’. Сепак, ’Вардар’ е најсериозниот конкурент за титулата, но ’Металург’ до крај ќе му дише во врат на овој моќен ’Вардар’. Нема да се предадеме и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса да бидеме конкурентни за титулата“.

Фудбалските услови-катастрофални!

За приликите што владеат во македонскиот фудбал, за условите, за квалитетот, Христов е директен:

„Тешко прашање, потешко да се одговори на него, иако на сите ни е јасно дека фудбалот е катастрофален! Условите, инфраструктурата, исто така.Тоа многу ме загрижува, но од друга страна како млад тренер,кој штотуку започнува заедно со неколкумина други, кои штотуку ја завршија кариерата, ни дава мотив нешто да промениме“.

Mazedonien Fußball Tainer John Toshack Pressekonferenz in Skopje
Тошак нема ништо да промени, вели ХристовФотографија: P.Stojanovski

Ѓорѓи Христов во 48 натпревари го носеше дресот на македонската репрезентација. На прашањето, може ли Македонија водена од Тошак во наредните квалификации за Светското првенство да излезе од сивилото, Христов не го крие својот песимизам.

„Ова што ни се случува е резултат на општиот хаос во македонскиот фудбал во изминатите десет години. Не постои тренер, не постои селектор кој може нешто да смени. Ако, од денеска почнат да се средуваат работите, резултатите треба да се очекуваат дури по 10 години. Жал ми е поради ова што се случува со фудбалската репрезентација на Македонија“, заклучува Ѓорѓи Христов.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска