1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуманитарен коридор за населението во Мисрата

19 април 2011

Либиската влада попушти под притисокот на ОН и изрази готовност да дозволи воспоставување хуманитарен коридор во градот Мисрата. Таму со недели се водат жестоки борби, во кои животот го загубија повеќе стотици лица.

https://p.dw.com/p/10vw2
Пратеничката на ОН, Валери Амос
Пратеничката на ОН, Валери АмосФотографија: AP

Во борбата за власт во Либија, градот Мисрата со денови е место каде се водат жестоки борби - со тешки последици за цивилното население. Жителите информираат дека станува се’ потешко снабдувањето со прехрамбени производи и други потреби.

ОН меѓутоа сега добија дозвола да пружат хуманитарна помош за Мисрата, информираше специјалниот пратеник на ОН за Либија, Валери Амос. Договорот предвидува и присуство на Светската организација во главниот град Триполи. ОН бараат од либиската влада да дозволи, самите да извршат увид во градот Мисрата и другите места каде се водат борби и да утврдат што е потребно за цивилното население. За тоа добив дозвола, информираше Амос. Координаторката за хуманитарна помош меѓутоа „не добила гаранции“, дека „борбите ќе запрат во текот на ангажманот на ОН“.

Тешки борби во Мисрата
Тешки борби во МисратаФотографија: picture alliance / dpa

Снајперисти на крововите

По тешките борби, трупите на либискиот властодржец Моамер Гадафи вчера навлегоа во центарот на Мисрата, последниот град на западот на Либија кој го контролираат бунтовниците. Очевидци информираат дека на зградите се стационирани снајперисти кои пукаат врз се’ што се движи. Истото го изјави и командандот на мисијата на НАТО во Либија, генералот Чарлс Бушард за канадската телевизија. Тој додаде дека војниците на Гадафи се сокриваат и во близина на болниците, а некогаш дури и ги соблекуват униформите, за да не ги препознаат борците на опозицијата. Бушард ја критикуваше оваа тактика како „неморална.“

Користи ли Гадафи касетни бомби во Мисрата?
Користи ли Гадафи касетни бомби во Мисрата?Фотографија: AP/Human Rights Watch

Касетни бомби

Во изминатите шест недели околу илјада лица го загубиле животот, а околу 3.000 биле повредени, соопшти управникот на болницата во Мисрата, Калед Абу Фалга. 80 проценти од убиените биле цивили. Од минатата недела се утврдени и тешки повреди, кои се поврзуваат со употреба на распрскувачки бомби. Либиската влада меѓутоа негира дека употребила таков вид оружје.

Во моментов се’ повеќе луѓе се обидуваат да го напуштат градот по морски пат. Со бродовите на Меѓународната организација за миграција и Црвениот крст се евакуираат пред се’ странските работници во градот. Брод со околу 1000 нови бегалци вчера вечер пристигна во градот Бенгази.

Автор: Кристијан Валц / Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски