1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ху Џинтао во посета на Париз

5 ноември 2010

Кинескиот претседател Ху Џинтао е во тридневна посета на Франција. Во пресрет на француското претседателство со Г20, односите меѓу двете земји се подобруваат.

https://p.dw.com/p/PzJY
Ху Џинтао и Никола СаркозиФотографија: AP

„Кина не треба да се гледа како закана, туку како можност“, истакна Никола Саркози пред доаѓањето на шефот на кинеската држава. Францускиот претседател бара начини да го зацврсти односите меѓу двете земји, пред Париз да го преземе претседателството во Групата 20 индустриски и земји во подем на 12 ноември, по самитот на Г20 во Јужна Кореја.

Се очекува двајцата државници во текот на тридневната посета во голема мера да се концентрираат на претстојниот самит, со оглед на тоа што главниот проблем за кој ќе се разговара во Јужна Кореја ќе биде вредноста на кинеската валута. САД и останатите индустриски држави, имено, го обвинуваат Пекинг дека вештачки ја држи вредноста на јуанот на ниско ниво, со цел да си обезбеди предност во извозот на светскиот пазар.

Hu Jintao in Paris
Ху Џинтао во ПаризФотографија: AP

Посетата на претседателот Ху Џинтао се покажа како особено лукративна за Франција: од кабинетот на Саркози соопштија дека државната кинеска авио-компанија порачала 102 летала од „Ербас“, во вредност од 14 милијарди долари. Договор е потпишан и меѓу францускиот енергетски производител „Арева“ и кинеската корпорација за нуклеарна енергија „Гуандонг“. Соработка склучија и неколку телефонски компании, што на Франција ќе и` донесе уште 1.17 милијарди долари.

Без изјави за јавноста

Двајцата претседатели одлучија да не даваат изјави за јавноста во текот на тридневната посета на Ху Џинтао. Ова наиде на остри критики од страна на поборниците за човекови права, кои сметаат дека им се скратува можноста да извршат притисок врз кинескиот претседател поради недоволното почитување на човековите права во неговата земја. Саркози, пак, ја одбрани одлуката да го држи проблемот околу човековите права настрана од менито со аргументот дека кога некој ќе ви дојде на гости, треба срдечно да го дочекате. „Работите нема да се поместат, ако постојано ги критикуваме Кинезите. Треба да се обидеме да ги разберме“, изјави Саркози пред да го пречека кинескиот колега на аеродромот во Париз, заедно со првата дама Карла Бруни.

Кинескиот претседател денеска ја продолжува посетата на Франција со посета на неколку историски знаменитости во Париз, ќе потпиште уште неколку договори за економска соработка и ќе се сретне со францускиот премиер, Франсоа Фијон, пред да отпатува за Ница. По тридневната посета на Франција, следна на агендата на Ху Џинтао е Португалија.

Автор: ТТ/ АТ/ ап/ афп/ дпа/ ртре/ дв

Редактор: Александра Трајковска