1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хјуман рајтс воч: нови докази за убиството на Гадафи

Александар Методијев/афп/бета17 октомври 2012

Нови докази за убиството на соборениот либиски диктатор Моамер Гадафи, кој беше фатен и убиен на 20 октомври минатата година, покренуваат прашања за неговата смрт, соопшти денеска организацијата „Хјуман рајтс воч“.

https://p.dw.com/p/16RFj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Оваа организација пред годишнината од неговото убиство во родниот град Сирте, под неразјаснети околности, објави денеска извештај под наслов „Смртта на диктаторот – крвава одмазда во Сирте“.

„Резултатите на нашата истрага покренуваат прашања во врска со изјавите на функционерите дека Моамер Гадафи е убиен при разменување на оган, а не откако е фатен“, рече Петер Баукарт, директор за итни случаи при „Хјуман рајтс воч“.

Врз основа на информациите до кои дошла оваа организација, приврзаниците на опозицијата по кратка постапка убиле најмалку 66 членови од конвојот на Гадафи, кои биле фатени во Сирте. На некои од убиените рацете им биле врзани. „Хјуман рајтс воч“ има видео материјали, кои противниците на соборениот лидер ги снимале со мобилни телефони, а на кои се гледаат борци кои ги злоставуваат и навредуваат заробените членови од конвојот на Гадафи. Врз основа на фотографии направени во мртовечниците на болниците, во кои поцоцна тие биле пренесени, може да се заклучи дека најмалку 17 заробеници кои се гледаат на снимките се убиени во соба во хотелот Ал-Махари.

Libyen Berichte ueber Festnahme Gaddafis nicht bestätigt
Организацијата подготви извештај на 50 страници, со кој тврди дека има нови докази за убиството на Гадафи, неговиот син Мутасим и на 66 членови од конвојот на Гадафи.Фотографија: dapd

„Исто така се чини дека тие го земале Мутасим Гадафи, кој бил повреденм до пристанишниот град Мисрата и таму го убиле“, додаде Баукарт зборувајќи за синот на Гадафи. Со тоа тој ги стави под знак прашалник и тврдењата на либиските власти дека синот на Гадафи е убиен во престрелка. „Хјуман рајтс воч“ има видео снимки на кои се гледа синот на Гадафи дека е фатен жив и однесен во Мисрата, каде пушел цигари и каде имал „непријателски разговор“ со луѓето кои го заробиле. На друга видео снимка, до крајот на вечерта, се гледа мртвото тело на Мутасим со нова рана на вратот.

За околностите на смртта на Гадафи оваа организација испрашувала претставници на бунтовниците, кои биле присутни за време на акцијата во која е убиен поранешниот лидер, како и негови приврзаници, кои го преживеале нападот на конвојот. Организацијата ги споредувала и видео снимките на кои се гледа Гадафи при заробувањето, на кои крвари од главата и каде организацијата смета дека е тепан и прободен во задникот со бајонет.

„Хјуман рајтс воч“ резултатите од својата истрага ги предала на преодната власт во Либија во форма на извештај на 50 страници. Организацијата повторно апелираше до властите во Либија да спроведат сериозна истрага за „масовното убиство на 20-ти октомври 2011 година“.